Промоција и дебата за романот „Како станав Амадеус“ на Трајче Кацаров во Прилеп

Штип, 19.09.2019

Во преубав амбиент, со бројна публика и одлична организација на домаќинот, денеска во ЈПУ Градска библиотека „Борка Талески“ во Прилеп беше промовиран најновиот роман на истакнатиот македонски писател Трајче Кацаров кој живее и твори во Штип.

Со оваа промоција-дебата Градската библиотека во Прилеп ја отвора сезоната за промоции и културни настани, што од денеска се одржуваат во цветната читална на библиотеката.

На денешната промоција – дебата, авторот Кацаров говореше за својата авторска инспирација, за сижето на романот со автобиографски елементи, поточно за авторското патување низ меморијата, испреплетено со импресиите, доживувањата во периодот на поранешна СФРЈ и неговото отслужување на воениот рок во тогашната ЈНА. Во присуство на истакнати културни работници, новинари, писатели, љубители на пишаниот збор, но и ученици од Гимназијата „Мирче Ацев“ во присуство на своите професори беа лоцирани причините, поради кои македонската читателска публика ги избира повеќе странските автори и бестселери, отколку македонските.

Книжевна критика, активна промотивна улога на издавачките куќи, поголем медиумски простор за промоција на делата на македонските автори, поголема застапеност на македонските автори во образованието се дел од аспектите кои треба да ги поттикне културната јавност, во функција на поквалитетна книжевна продукција, и јакнење на процесот на промоција на македонското книжевно творештво, како дел од македонската култура и културно наследство, што пак се темел на секоја држава.

ЈОУ Градска библиотека им се заблагодарува на сите учесници на овој настан, и ве поканува на сите следни случувања.

Инаку, авторот Кацаров е добитник на наградата за најдобар автор за деца „Ванчо Николески“, за 2018 година, признание што го доделува Друштвото на писатели на Македонија. Романот „Како станав Амадеус“ е четврти роман на авторот кој од печат излезе годинава.

0002_800x4510003_335x6000004_800x450