Професијата не ми дава за право да стареам

Пишува: Веле Митаноски

Новогодишно интервју – Веле Митаноски, новинар „Оптимист со задршка“

Охрид, 31.12.2016

Веле Митаноски, еден од доајените на македонското новинарство. Чекорел, скалило по скалило – од фабрички новинар (тогашен Отекс), дописник на Вечер и други македонски весници и списанија, директор на Радио Охрид и главен и одговорен уредник на тогашен Езерски Глас, до самиот врв на тогашното југословенско новиарство – ТАНЈУГ. По осамостувањето, во Македонското прес биро, последователно во МИА. По вокација – новинар, иако 5-6 години мина и во политиката, за која вели дека му била само излет и непотребен луксуз, кој му донел многу проблеми и 6 години пријавување во Агенцијата – Бирото за вработување (на крајот од една богата и успешна новинарска кариера!?). Личност со исклучителна новинарска легитимација.

Веле со внуката Ева
Веле со внуката Ева

Како, на Веле Митаноски, му помина годината која, еве, ја оставаме зад нас?

– За еден дедо, како може да помине годината, освен во грижа, но и голема радост и сатисфакција – со внуците? Јас, за среќа и гордост, ги имам четворица, внуци и внуки, сите се веќе ученици, пардон – супер ученици, првенци. Ева и Виктор, веќе влегоа во 13-та година, веќе девојка, момче… Јован стаса до првата “функција” – претседател на трето одделение (ова нема врска со бекграундот на дедо му!), додека најмалата, второ одделенчето Ана, не израдува со првиот јавен час, или пијанистички концерт, во музичкото училиште “Методи Патче”. Ева, мојата придружничка на концертите на “Охридско лето”, исто така, не почести со покана и присуство на нејзиниот концерт. Виктор, другар ми, повеќе е по спортови, а јас сум стар за тоа. Во мојата прва книга “Рани спомени” (2011) напишав, во посветата:”на моите внуци, мојот микрокосмос, мојата звездена галаксија”!Не сум се излагал!

Веле со внуката Јован
Веле со внукот Јован

Сепак, Веле Митаноски  не е само дедо. Покрај тоа, е и активен пензионер. Можеби повеќе не живее од новинарството, ама, според сето она што можеме да го прочитаме – и натаму живее за новинарството.

– Да, мојата, професија и животна преокупација (“еднаш новинар-секогаш новинар!”), и покрај дедовството, не ми дава за право “да стареам”, освен што ме “почести” (ми врати!?) со сите можни болештини, кои одат заедно со оваа ризична, тешка, но, сепак, чесна професија. Кој како ја разбира!? Моето “разбирање”, ме донесе и до Кардиолошкиот центар во Охрид (чест и слава за тие што го подигнаа и развиваа во дејноста – од првите иницијатори: Дуданов и Василески, се до Бакрачески и сите нивни соработници), така што годината, со пропишаната медицинска терапија и “внуци терапијата”, ја минав во  закрепнување. Сполај му на Бога, чест и благодарност на кардиологот Стојан Митрески, на д-р Јасмина-Спасеска-Јованоска и на целата екипа од лекари, сестри и друг персонал, се вратив во старата форма – професионално и физички. Никој не може да ја дочека зората, а да не помине низ ноќта! (Халил Џубран).

3-so-viktor
Веле со внукот Виктор

Еден од најактивните на социјалните мрежи, со прецизни, понекогаш остри анализи и забелешки  (вели: штом веќе себе си не се штедам, тогаш никого не поштедувам!?) и натаму дописникува од Охрид, сега за новинската агенција МЕТА. Како, на професионален план, ја завршува годината?

– Годината ја минав, како што ги минав и најповеќето досега, во “дописникување”. Додека сеуште беше “весник”, пишував колумни за “Утрински весник”, сега известувам за новинската агенција МЕТА, по мојот вкус, во моментов, најпрофесионалниот медиум кај нас, раководен од еден од бардовите на македонското новинарство, колегата Зоран Андоновски. Поранешен дописник на “Нова Македонија” од Атина, новинарот и човекот, кој имаше професионален дигнитет, да каже “фала-благодарам” и да замине од позицијата главен и одговорен уредник на “Дневник”, кога без негово знаење “политичките комесари”, му сменија веќе одобрен текст!? Ова не го кажувам за некакво додворување (јас не се понудив, туку бев поканет во МЕТА), туку да ја доловам атмосферата во македонското, до дно урнисано, слугинско, компромитирано новинарство. Се разбира, секоја чест за исклучоците! Јас најубавите професионални години ги минав токму во агенциското новинарство, како МИА и пред тоа ТНЈУГ- мојот професионален Олимп!

5-%d1%81%d0%be-%d0%b0%d0%bd%d0%b0-%d0%b8-%d1%98%d0%be%d1%80%d0%b4%d0%b0%d0%bd%d0%ba%d0%b0-%d1%81%d0%be%d0%bf%d1%80%d1%83%d0%b3%d0%b0
Веле со сопругата Јорданка и внуката Ана

Новинарството е неговата природна средина. Со политика не се занимава, но не е и надвор од политичките случувања. Редовно ги следи, а неговото искуство до прецизност му ги избрусило анализите и оценките кои ги соопштува.Како, од тој аспект, ја оценува годината што заминува?

– Бидејќи просторот не ми дозволува да се “размавнувам” со оценки на годината што ја оставаме зад нас, сосема, кратката би била, дека, испраќаме уште една попусто потрошена, “од скакулци изедена”  година, на сеопшт план: политички, економски, морален, етички….Македонското, по сите линии, длабоко поделено општество, е во една, своевидна, “лимбо” ситуација, или народски кажано: угоре високо-удoлу длабоко! Декемвриските избори, со резултатот, наместо да ја разрешат кризата, не внесоа во нова неизвесност. Поделбата кај Македонците ја материјализираа, а во албанскиот корпус – дополнително ја факторизираа! Каква и да е разврската, ќе биде со краток век. Да заклучам, и колку да сум среќен и исполнет на личен план, од состојбите околу мене, на општествен план, сум загрижен, ајде, да не до расипуваме празничното расположение, ќе речам, само:  претпазлив, или “оптимист со задршка!”.

Годината ја завршуваме со нов состав на парламентот. Дали Веле Митаноски е претпазлив оптимист, само поради распоредот на мандатите, односно изборниот резултат, или има и некои дополнителни елементи?

– Реков, дека сме го допреле дното – од сите аспекти: политички, економски, морален, етички…Однадвор не гледаат како заробено општество. Никој, освен “војводата” Орбан, не сака да ни честита, се додека не види дека сме кадарни да стасаме до конституирање влада! Тоа е поразително,ние сме единствени во цивилизираниот свет, шампиони!? Со изборниот резултат, правдата не е задоволена, после се што знаевме и од снимките дополнително слушнавме, за начинот на кој Груевски и Ахмети, да се пошегувам: Боро и Рамиз (за помладите – синтагмата е за двајца косовари од бивша Југославија-симбол на братството и единството!), владееја, како божем со два пашалука, наследени од татковците им! Јас, сепак, мислам дека формалната победа, и на двајцата ќе им биде последен пораз.

Ќе признаете, ова звучи премногу оптимистички, за еден Оптимист со задршка!”

– Промените се тектонски, Македонија влезе во нова политичка стратографија, исцртана е нова мапа. Внесен е нов квалитет и меѓу партиите на Македонците и меѓу партиите на Албанците.Народот поинаку дише и размислува, променето е вкупното расположение! За првпат, албански гласови мигрираа кај партија со грагански концепт, иако, условно да ја наречеме- македонска. Дедо ми Ангеле, самоук мислител, знаеше да каже: што носи денот (11 декември!), не носи годината!Досега, македонските партии (од власта) ги трошеа партиите на Албанците!Отсега, партиите на Албанците, ќе ги трошат политичките субјекти на Македонците (во власта)! Нивните лидери, ги ставија албанските гласачи на распродажба: “ко да више”!? Ја подигнаа “летвичката”: албанскиот јазик да стане втор службен јазик во Македонија  и рамномерна распределба на буџетот и консензуално одлучување за сите битни прашања!Плус, (“колку да не се сетат Власите”), продолжување на мандатот на СЈО и имплементација на препораките од извештајот на Прибе!!!

Победниците губитници, губитниците, можеби, ќе формираат влада.Има ли некаков систем во ова лудило, односно има ли барем еден што е среќен и задоволен?

-Мегу обичната и политичката математика, сепак, има разлика.Политиката е уметност на можното, дури и при очигледни парадокси. Ахмети, катастрофално загуби, ги преполови мандатите, а сепак, клучот за формирање влата, остана кај него! Не е исклучено и победникот кај Македонците (ДПМНЕ) да седи во опозициските клупи!Но, штом веќе сакате разговорот да го завршиме – новогодишно, со весел коментар, еве, има еден кој може да биде задоволен, а тоа е Прецедателот кому  “му се наместија картите” како на најголеми среќник. Барем засега, за понатаму ќе се прашаме!?. Само него нема да го боли главата – кому ќе му го довери мандатот!
Така ти е тоа – кога си роден “под среќна звезда”! Прецедателот, како народен човек, знае дека “на ќорото пиле-господ му прави седело!”. Сигурно, уште нероден, си ја пеел: “роди ме мајко со среќа и фрлиме на патон!”.

Формалната победа на Груевски и Ахмети ќе биде нивниот последен пораз.

Пишува: Иван Бојаџиски