САСА ја поправи и зајакна оштетената брана и започна со чистење на реката

Македонска Каменица, 06.10.2020

– Рудникот САСА успешно ја заврши поправката на оштетениот насип на хидро-јаловиштето број 4 и ги направи сите инженерски прилагодувања со кои се обезбедува дополнителна сигурност и безбедност. Поправката и инженерските прилагодувања на насипот се извршени во координација и согласно препораките на врвни македонски и странски експерти.
Со ова се исполнија неопходните предуслови за продолжување на редовното производство во САСА, за што компанијата доби соодветно одобрение од надлежните институции. За време на прекинот на производството, сите вработени во САСА ги задржаа своите работни места.
Во наредниот период, стручните тимови на рудникот САСА, зајакнати со надворешни експерти, ќе вршат постојани, детални проверки на функционирањето на хидро-јаловиштето за да се осигура дека оваа постројка функционира согласно најдобрите стандарди.
Паралелно, компанијата работи на чистење на коритото на Каменичка река. Досега е завршено чистењето на речното коритото во приоритетните зони, посочени од страна на надлежниот инспекторат. Дополнително, рудникот САСА ангажираше меѓународни и домашни експерти кои подготвија детален план за темелно чистење и на останатиот дел од речното корито во должина од 14 километри. Направени се и неопходните теренски подготовки, при што согласно препораките на експертите, по должината на реката поставени се специјални таложни прегради кои овозможуваат наталожување на остатоците од истекувањето кои потоа соодветно ќе бидат собрани и вратени во јаловиштето.
Согласно законската процедура, реализација на овој план за чистење ќе започне веднаш откако надлежните институции ќе издадат соодветно одобрение. Целата операција на чистење ќе се одвива во соработка и координација со општината Македонска Каменица и претставниците на месните заедници.
Инаку, рудникот САСА врши континуирано испитување на водата во реката. Резултатите од земените примероци по целата должина на реката покажуваат дека квалитетот на водата сега е во согласност со отчитувањата пред инцидентот од 14 септември 2020 година.
Со цел да ги слушне мислењата и потребите на локалните жители, рудникот САСА повторно ја отвора и Канцеларијата за комуникација со локалната заедница која е сместена во зградата на општината. Канцеларијата ќе функционира секој петок, од 08:00 до 16:00 часот, со почитување на сите превентивни мерки и протоколи за заштита од Ковид-19.