Сите, со своите одговорности, во стројот зад Заев и Ципрас

Oхрид, 05.02.2018

Пишува: Веле Митаноски
Пишува: Веле Митаноски

“Секое зло задобро”! Торпедото кое од Скопје, го испука шефот на македонската дипломатија, Димитров, ја погоди целта директно во срцето – плоштадот Синтагма. Она што, како наша победа, вчера, за неколку часови, го одработија грчките попови, националисти и монархо-фашисти, Димитров не може да го одработи за 6 животи и 60 мандати! Грци во униформите на војската на Филип II Македонски, денеска, европејците можат да оправдаат, само кога би можеле, евентуално, Французите да ги замислат во SS униформи на Елисејските полиња!

“Секое зло за добро”! Грците ни подарија автогол пред правдољубивиот свет, Македонија се врати на насловните страници: “Стотици илјади Грци демонстрираа против компромис со нивниот сосед Македонија” (германски Шпигел). На очиглед на светот, само потврдија дека сме на прав пат, со нивниот примитивен излив на бес сред Атина, паранојата, омразата, демаскираното грдо лице.

Една слика илјади зборови! Појавата на андардите (за помладите –  паравоена структура на Германос Каравангелис, опеана во песната за колежите во Загоричани), ја разголи суштината на грчко-македонското спорење околу името.Одбраната на името,иредентизмот и стравот од некаква имагинарна наезда на северниот сосед, се само параванот зад кој се крие стравот,односно се сака да се сокрие прогонот на Македонците, одземените имоти, погубените илјадници животи.Штета што на таа шупелка, “знајно или незнајно”, засвири и Никола Груевски, самиот со корен од северните, славо Македонски краишта.

Ние сме Словени и тоа ни е доволно! Никола требаше да знае дека и неговите претци, во Втората светска војна, се бореа како такви, промовирајќи го во светот тој “чудесен македонски патриотизам!” – да се одбира секогаш поголемото од помалото зло, и обратно! Да се борат против поголемиот – “пофашистички”, внесен (италијанскo – бугарски) фашизам, од домашниот на генералот-диктатор Метаксас и подоцна Пангалос. Македонците од Северот извршија масовна мобилизација, се организираа во македонска НО војска (СНОФ), во Воден формираа посебна, македонска антифашистичка организација (МАО), а во Костур – Славомакедонски народно ослободителен форонт (СНОФ). Сојузници на грчките партизани (ЕЛАС), со 80 илјади Македонци во грчки униформи (од 300 илјади вкупно на фронтот) и со влог во победата над фашизмот со 12 илјади загинати Македонци на фронтот, кои поверуваа во резолуциите од конгресите на ГКП (Третиот во 1924) – “за независна Македонија во рамките на балканска федерација” и Шестиот 1935 – “За целосна рамноправност на македонското национално малцинство“,како и во прокламациите на ЕЛАС за признатото право на национална слобода и рамноправност”.

– “Мобилизацијата на словенското население од Западна, грчка Македонија беше толку успешно, што во втората половина на 1944 година ЕЛАС подлегна на стравот дека работите му бегаат од раце, те почна да ги распушта македонските единици кои го истакнуваа југословенското (македонското) знаме,а борците ги праќаше на југот од Грција.Тоа некои словенски Македонци ги потикна да пребегаат во Југославија,каде создадоа партизански единици под југословенска команда” (Елизабет Баркер, британска историчарка).

Баркер ја открива суштината и на денешниот спор. И последниот националист во Грција знае дека нема никаква опасност од север, но нивните ирационални стравувања се  потпираат “зголемувањето на словенското чувство”, внатре во нивната земја.За жал од тоа не се ослободија и грчките комунисти и партизани и по цена на пораз на ЕЛАС и ЕАМ во борбата за власт по истерувањето на фашистичкиот окупатор.

Тоа се историските факти, како понатаму? Кој пат да го фатиме, што би рекол Стојан Андов.Истиот оној, преку Атина до Брисел.Тоа во лице, среде Скопје, ни го кажа и Столтенберг.Сега ќе ни биде полесно.Брисел и светот на дело се уверија дека во “лулката на демократијата”, пропагандата и натаму нишка фашизоидни националисти! Даночните обврзници во Европа се помалку ќе сакаат да ја оправаат со векови испразнетата грчка каса. Националистите вчера на Синтагма не пекаа толку за името, колку за изгубениот лагоден живот на туѓа сметка! Во еврозоната,  ја трпат Грција со долг од 177,4 проценти од БДП!!!

Бујар Османи е во право кога вели дека токму сега ни се “наместени звездите”, а само астролозите можат да пресметаат кога тоа ќе се повтори?И дали,воопшто, ќе се повтори? Затоа, да застанеме зад храброста и визијата на Ципрас и Заев, мегутоа не со слепо апологетство. Какво е тоа опстојување на референдумско изјаснување, кога од другата страна, во ист строј се поповите,андардите и генералите!? Однапред се знае дека во Грција такво нешто е невозможно. Според анкетите 7 од 10 Грци би биле против, а нашиот некогашен музички идол Тедоракис грчките внатрешни,ирационални стравови “ги продава” како “исламска наезда на Балканите и свежи сеќавања за распадот на Југославија!.

Ако може Ципрас да ја преземе одговорноста, ќе ја преземе и Заев, па “куд пукло-пукло”! Тој, однапред ни кажа дека ќе ни биде премиер.Ние му поверувавме.Избравме парламентарци, да не претставуваат – пред сегашноста и иднината, а не само пред собраниската каса! Моите охриѓани предлагаат автопатот кон југ да се преименува во “Бонева-Силванова”, а оној “пожутениот” на запад кон Охрид, од “Nane Tereza”, во  “Nane Tunte-za”!

Поповите настрана од политичките процеси. Заев може да си има духовен татко, ама откако ќе заврши со 24/7 световни обврски.Иванов, додека му студира синот, може колку сака пати да оди на Фенер во Стамбол, ама треба да знае дека таму, на тронот,  седи човек – не само Грк по потекло,туку и вселенски патријарх на Цариградската патријаршија-вековен носител на велико-грчкиот национализам,стожер на грчката буржоазија во нејзиниот сон за велика Елада! Ако Ципрас, може да им каже “доста беше” на поповите, можеме и ние. Ако може да ги занемари анкетарите-можеме и ние.И во Црна Гора 85 посто од населението беше против признавањето на Косово, но нивното водство, со визија и храброст “пливаше низводно од матицата” и сега земјата е во НАТО, со два пати поголеми просечни плати од нашите.

Влијателните медиуми, ќе ја приграбат општествената одговорност. Извештајот од Атина на Сител го гледавме со вкус на зелка, оној на РТС-со вкус на месо, и тие што ги гледаа двата – со вкус на Сарма!Како тоа да нема место за  информацијата дека во  најновиот, 46 број на грчкото списание “Енекен“, нашиот Томислоав Османли, ја  објави песната „Љубов“ (Έρως) изворно  напишана на грчки.Нека се навратат на аплаузите што ги добиваше Унковски во Атина и Солун. За да се надмине збајатениот дух на одвејаните времиња (Османли).

Она што како плод на Привремената спогодба (Њујорк, 13 септември 1995) во 2006 ни изгледаше многу (Караманлис – постариот, од Парламентот ни нудеше влез во НАТО под  референцата), сега би го приграбиле. Она што, можеме денес да го добиеме, ќе ни биде повторно недостижно, после деценија – две.

Никој не вели – по секоја цена, ниту пак тоа може да се назре од изјавите и подотворениот пакет на медијаторот Метју Нимиц.