Слики од Струмичката ликовна колонија пред штипјани

466

Штип, 23.11.2016

Точно 28 од вкупниот опус од 60 уметнички дела насликани од уметници од повеќе земји во светот во рамките на годинашнава 53 по ред меѓународна Струмичка ликовна колонија,  од денес се изложени во ликовниот салон при Центарот за култура „Ацо Шопов“. Свеченото отворање беше денес точно во 12 часот во присуство на пристоен број љубители на уметноста.

dsc_2477„Нашето задоволство е големо од фактот дека денес сме домаќини на уметничките дела создадени во рамките на една од најреспектираните меѓунардони ликовни колонии на Балканот, каква што е струмичката. На љубителите на уметноста им приредуваме големо уживање за што крајно сме им благодарни на Иван Јовев, директор на НУЦК „Антон Панов“-Струмица и на екипата која го реализира овој важен уметнички проект“, рече на отворањето поетот и писател Трајче Кацаров.

Иван Јовев, во своето обраќање им се заблагодари на штипјани кои присуствуваа на свеченото отворање, за потоа да потсети на историјатот на струмичката ликовна колонија која е од меѓународен карактер.

„Колонијата постои од 1963 година, на неа досега имаат учествувано над илјада уметници од сите континенти. Создадени се над 2.500 уметнички дела, најмногу слики но и скулптури и мозаици кои како национално богатство ги украсуваат просториите на јавни установи и на претпријатија во Струмица, а ги има и во Штипски институции. На тој начин уметноста, преку творбите во рамките на СЛК, ја ставаме на секојдневно уживање на јавноста“,  рече Иван Јовев.

Изложбата ќе биде отворена во наредните десет дена.