Ступидноста на младите вмровци и обврската на јавниот обвинител

Штип, 13.08.2017

Пишува: Иван Бојаџиски
Пишува: Иван Бојаџиски

Две постари жени седат на клупа под липите кај Стопанска банка во Штип. Едната и вели на другата: „Види шо прават овие, на стари години ќе мораме да учиме албански“! Втората возвраќа-„Ненормални“. Толку слушнав и со јад во душата од тешките манипулации на вемерето со народот си продолжив по својот пат. „Овие“ се однесуваше на тогашната опозиција за која вемерето од петни жили непримерено и надвор од националните интереси манипулираше со јавноста. Пораката им беше: ако СДСМ дојде на власт албанскиот ќе го направи задолжителен јазик на територијата на цела држава!

Овој разговор го слушнав на два месеци пред парламентарните избори. Поминаа изборите, се конституира сосема нова и сосема поинаква власт од вмровската. Се донесе Закон за јазиците, албанскиот не стана јазик кој ќе мора да се учи во цела Македонија, албански симболи нема да има на униформните на АРМ, нема да ги има ниту на банкнотите, како што тврдеа од вемерето…

Но, таа вмровска беда не престанува. Тие никако да сватат дека народот им даде црвен картон, дека повеќе не се власт, иако се важен опозициски фактор во државата. Упорно и безобзирно, и пак надвор од македонските национални интереси, продолжуваат со своите спинови.

ilco-zaharievПа така, деновиве доживеваме уште погрда слика, уште потешка вмровска манипулација во нашиот град. Сега, за такво нешто е искористена младата гарда на партијата. Во случајот – Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ.

Младите вмровчиња, во наплив на својата „креативност“ на својата фејсбук страница објавија фотомонтажа со следниот текст под неа:

Еден училишен ден во Штип по доселување на мигрантите. Ќе дозволиш ли вака да изгледа идното образование!?

 Илузијата е јасна. Се однесува на секојдневниот вмровски спин дека владеачката гарнитура планирала во Македонија да вдоми 150.000 бегалци од Сирија. На оние бегалци кои транзитираат низ Македонија за да стасат во некоја европски уредена земја. Што Македонија секако не е. Притоа во вмровскиот спин никаде не се споменува дека договор за Македонија да биде отворена земја за транзит на бегалците е потпишан токму од вемерето.

Кој тоа на еден така ступиден начин ги труе младите, па макар нека се тоа и членови на ДПМНЕ? Оваа ступидност сигурно не е смислена во нивната млада мисловна лабораторија. Цврсто сум убеден дека таа е креирана и дадена како домашна задача од некоја сениорска вмровска екипа.

Со оглед на тежината и морбидноста на спинот, со оглед на вознемиреноста која тој може да ја предизвика кај граѓаните, сметам дека тука има работа и за јавниот обвинител. Да постапи по допрен глас. Ние само му ја олеснуваме таа можност.

Од таквата можност обвинителот не го ослободува ниту фактот дека по големиот број критики кои стигнаа на адреса на оваа монструозност, УМС на ВМРО ДПМНЕ во Штип ја отстрани фотомонтажата и текстот од својата фб страница.