ТАКИ ФИТИ: Паметна влада знае да побара совет од науката

Охрид, 27. август 2019

Со промоцијата на најновото дело на академик Таки Фити: “Улогата на фискалната и на монетарната политика во стабилизацијата на економиите”, синоќа, во Куќа Уранија – МАНУ , заврши овогодишната “Научната и уметничка визита Охрид –  2019”, која реализира бројни настани во јули и август.

Книгата, на која авторот работел послениве 5-6 години, ја промовираше  професор  д-р Владимир Филиповски, од Економскиот факултет при УКИМ, некогашен асистент и долгогодишен соработник на академик Фити, пред се, во доменот на фискалната и на монетарната научна дисциплина.

Академик Фити, со нему својствениот ентузијазам и макотрпна работа, на еден мунициозен начин, ја проследува еволуцијата на идеите во макроекономската теорија и идеите за политиките за справување со проблемите на цикличното движење на модерните економии, во оваа книга која ги сублимира најактуелните прашања на современата макроекономија, рече на почетокот професор Филипоски.

Филипоски појасни дека се работи за студија не од чиста апстрактна економска терорија, туку за научно истражување на дизајнирањето и користењето на макроекономските политики во рамките на макроуправувањето со бизнис циклусите, со фокус на реалните можности и ограничувања на фискалната и монетарната политика.

-Најзначајниот придонес на академик Фити во ова акнига, по мое мислење, е анализата на клучното прашање на денешната макроекономска дебата: Прашањето на нултната долна граница на каматните стапки или ZLB и импликациите примарно врз монетарната, но и врз фискалната политика, потенцираше професор Филипоски.

Професор Филипоски, стави посебен акцент на финалното – четврто поглавје, посветено на макроекономските политики спроведувани во Република Македонија, каде авторот презентира сеопфатна анализа  на различните периоди од еволуцијата на економијата во независната македонска држава.

-Се работи за комбинација на квантитативна и квалитативна економска анализа, при што, квантитаттивната се базира на емпириските макроекономски податоци од 27. годишниот период на македонската самостојност. Но, со квалитативната анлиза, авторот успева да ги искристализира, да ги сублимира клучните карактеристики на макроекономските политики имплементирани во различни услови кои постоеа во реалниот и финасискиот сектор во македонската економија.Во контекст на монетарната политика, објаснета е стратегијата која придонесе во справувањето со хиперинфлаторното наследство од поранешната федерација, со големата придобивка: одржување на стабилен, скоро фиксен девизен курс, клучно дисциплинарчко сидро на целокупната макроекономска политика со цел обезбедување стабилна макроекономска рамка- рече професор Филипоски.

Академик Фити,во своите појаснувања, препорача владата брзо да се позабави со прашањето на Фискалниот совет, како советодавно тело на експерти без партиски предрасуди, какви што веќе има во Хрваатска и Србија, а наскоро и во Црна Гора.

-Паметна влада знае да побара совет од науката. Фискалните совети укажуваат на фискалните правила.Проблемите се решаваат комплексно. Едгар Морени не учи дека добро сочинетата глава, е сочинета од мудрост, а на сасмо од факти. Повеќе глави, подобри заклучоци. Таа потреба е нагласена кај министрите за финасии. Особено кога немаме фискални правила, во форма на законски решенија.Поуспешна ќе биде координацијата помегу фискалната и монетарната политика. Централната банка сосотојбите ги менаџира релативно добро, девизните резерви се големи, но голем и јавниот долг. Има пари за јавни инвестиции, но нема реализација. И тоа во услови на висок јавен долг, кој од 21 се искачи на скоро 50 проценти. Што ако сега се случи рецесија? Најбрзиот негативен ефект (“шок апсорбер”) се случува токму кај малите економнии. Сиви облаци се назираат на хоризонтот на најразвиените: САД го губат темпото на добри перформанси, а Германија – здивот. Кога настапува песимизам, тој го зафаќа и инвестотирите и обичните граѓани, кои се свртуваат на древната мудрост: “Бели пари за црни денови!”. На науката е да предупредува, на владaта, ако е паметна – да слуша и применува, рече акдемик Фити.

Веле Митаноски