“Ти биди промената што сакаш да ја видиш во светот”

Охрид, 15.02.2017

Колумна на Веле Митаноски

Колумна на Веле Митаноски
Колумна на Веле Митаноски

И порано сум напишал дека Албанците од Македонија и при гласањето и во пост-изборниот период (и како гласачи и како интелектуален и медиски еснаф), нам Македонците, ни одржаа многу лекции. Синоќа, на Алсат М, беше задоволство да се гледа и слуша, како младиот колега, комшијата од Струга, Назим Рашиди, ја води дебатата и се справува со соговорниците.

Самиот, имам причина повеќе за задоволство, затоа што Назим, еден мал период, работеше со мене, во моето Супер радио, во програмата на албански и турски јазик, а имавме емисии и на влашки јазик. “Разбира се”, поголемиот дел од програмата беше на македонски јазик, а радиото го отворивме со разговор на тогашниот претседател Киро Глигоров.

Претпоставувам дека тоа беше првото приватно радио во Македонија на албански јазик (во раните деведесетти години, на сега веќе минатиот век), за што прекиод суд на “Заштитниoт” комитет од Охрид, ме “почести” (осуди) – на знаете што!?

Колку сум бил во право, особено што тогашните “комитетлии” и ден денес, се во првите редови од “патриотскиот браник” против една Катица!!!

Повод за ова писание ми даде соговорникот на Назим, оној даскалот со избричена глава и докторска титула, кој, од податок од една истражувачка анкета (онаа на Телма ТВ), градеше дефинитивен став за минатото, сегашноста и иднината на односите мегу Македонците и Албанците кај нас!?

Само Алабанците гласале за македонска партија, а никако обратно! Ниту еден! Значи: нема надеж!? А колку Македонци гласаа за Имер Селмани? Еве, јас, ризикувајќи повторен прек суд, јавно кажувам, дека мегу лицето што сега ја “обнаша” функцијата претседател, и лицето Селмани, гласам за вториот.

Кога известував за Танјуг од Албанија, го совладав јазикот, до ниво да подготвам елементарна вест, или информација. За подлабоки анализи, користев помош.

Убаво рече Селмани, во една дебата: Јас сум побогат од сите вас овде, затоа што го знам и вашиот јазик. Не само што го знае, туку го говори поточно, потечно и акцентно-поисправно, од најмалку 95 посто “бранители” и “патроти”, кои, по акалот на една Валентина Божиноска, повикуваат на нож и крв!

Баталете ја таа работа, луге. Баталете ја таа голема врева! Секој нов јазик што ќе го научите, е ново богатство.Тргнете од старите латини: “Колку јазици знаеш, толку глави вредиш” (Quot linguas calles, tot homines vales).

Деновиве влегов во полемика, со едно младо момче, од Кратово, градот кој многу го сакам, со кој ме врзуваат многу убави спомени и од каде ми е венчаниот кум – од семејството Миташеви.

Момчето беше напишало статус: “Со потпишување и прифаќање на сепарастичката шкиптарска платформа Заев потпиша и уште нешто…….ВЕЛЕПРЕДАВСТВО. Ќе има крв..но овојпат тоа ке биде неговата”(!!!)

Му возвратив, онака, благо, советодавно, родителски: Да ти каже чичко Веле нешто: “Да му го посакуваш најлошото на друг, е исто, како да си испил чаша отров, а после да очекуваш некој друг да замине, наместо тебе!”.

Момчето и натаму се опираше, во смисла дека “овој пат, по никоја цена нема да дозволат, некој да го продава сопствениот род!”.

Се вклучија и други во преписката. Колегата, долгогодишен пријател од Штип Иван Бојаџиски-Бојата, му напиша: Веле убаво те упатува на позитивната страна на човечкото во сите нас: не посакувај ничија крв! Колку што можам да заклучам ти си од партија која верува во Бога, ако е така во Библијата убаво си пишува да не му посакуваш на друг тоа што ти не би сакал друг да ти го посака тебе…Млад си, ама послушај си го Велета што ти кажува, учи од повозрасни и поумни од тебе…

На крајот, изненадувачки, момчето целата преписка ја постираше на сопствениот зид! Белким, со нешто помоганавме! Белким се ослободи од некоја мора, или заблуда – сеедно. Вистината секогаш ослободува! Затоа, Ти ( младо момче од Кратово и ти титулиран професоре од Тетово) “биди промената што сакаш да ја видиш во светот (Махатма Ганди).

 

Веле Митаноски