ФБИ ги предупреди атлетичарите да не ги носат своите телефони на Олимпијадата во Пекинг

Спортистите и посетителите кои се упатуваат на Зимските олимписки игри во Пекинг да ги остават своите телефони дома и наместо тоа, да користат „привремени“ телефони, препорача Федералното истражно биро (ФБИ) во САД, пренесува „Би-би-си“.

Препораката од ФБИ доаѓа после предупредувањата дека кибер-напади можат да ги нарушат настаните за време на одржувањето на Зимските олимписки игри.

ФБИ предупредува и за малициозен софтвер, кражба на податоци и инсталирање алатки за следење на мобилните уреди.

„ФБИ ги повикува сите спортисти да ги чуваат своите лични мобилни телефони дома и да користат привремен телефон за време на Игрите. Националните олимписки комитети во некои западни земји исто така ги советуваа своите спортисти да ги остават личните уреди дома или да користат привремени телефони поради загриженоста за кибер безбедноста“, стои во препораката на ФБИ.

Предупредувањата на ФБИ следуваат по оние на групата за кибер-безбедност „Ситизен Лаб“ (Citizen Lab), која минатиот месец ја разгледала официјалната апликација на Олимпијадата што лицата кои ќе присуствуваат во Пекинг задолжително треба да ја преземат заради следење на здравствената состојба поради Ковид-19.

„Ситизен Лаб“  предупреди дека апликацијата е несигурна кога станува збор за заштита на личните податоци, дека пропуст во шифрирањето овозможил пристап до документите на трето лице и дека политиката за приватност не била јасна околу тоа кој ги обработувал сите податоци прикачени на апликацијата. Кина ја отфрли загриженоста.

Зимските олимписки игри ќе се одржат од 4 до 20 февруари, со околу 3.000 спортисти кои ќе се натпреваруваат во 109 различни категории.