ФФМ бил коректен, Захариев одиграл крајно некоректно

24

Штип, 16.02.2018

Општина Штип и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) во 2015 година потпишале договор за една поголема, речиси комплетна реконструкција на Градскиот стадион. Овој потфат требало да му овозможи на градот, на неговиот Градски стадион да може да се играат и меѓународни фудбалски натпревари.

ФФМ одговорно си ги исполнила своите обврски. Во соработка со УЕФА, согласно договорот со општината, го рехабилитирала игралиштето со нова трева и дренажа по сите стандарди. Набавила и ги поставила современите рефлектори, со што ФФМ во целост си ги исполнила своите обврски кон Штип во однос на неговиот фудбалски храм.

Тогашниот градоначалник Илчо Захариев потпишал договор за обврските на општината градот да добие убав фудбалски храм, но не исполнил ништо иако другата страна – ФФМ, целосно и квалитетно го извршила својот дел од  обврските.

Но, и покрај бројните фалби на тогашниот градоначалник Илчо Захариев, општината се понела крајно неодговорно. Иако потпишала договор, а згора на се во ФФМ и УЕФА добила исполнителен партнер кој вложил многу, Штип не завршил ниту промил од својата обврска.

„Со договорот нашата општина се обврзала да ги обнови постојните или да изгради нови трибините со 5.000 седишта согласно стандардите на ФФМ. Од тоа не е сработено ништо. Вредноста на оваа обврска која си ја превземала општината изнесува 4,4 милиони денари. Општината уште се обврзала и да изгради соблекувални и простории за судии и за сите службени лица согласно стандардите, но и по ова прашање не било направено ништо. Сега очекуваме да не посети генералниот секретарт на ФФМ за да ги расчистиме нештата и Штип да добие Градски стадион каков што му личи на нашиот спортски и пред се фудбалски град“, вели актуелниот градоначалник Благој Бочварски.

Во ова меѓувреме на адекватен, квалитетен начин не е одржуван ниту тревникот па ќе мора да се вложи и во неговата санација.