Штипската бомба ќе се уништи утре помеѓу 10 и 15 часот

Штипјани со голем интерес го следат распелетот околу бомбата

Штип, 22.07.2017

  • Граѓаните од блиските згради, населби и куќи можат да се самоевакуираат или да си останат дома на свој ризик…Организирана евакуција нема да има

Утре (недела, 23 јули 2017 година) пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување ќе ја уништат бобмата во еден од индустриските реони на Штип која беше откриена пред околу две недели. За тоа време екипи на штипската полиција деноноќно го чуваат местото на кое е откриена бомбата од Втората светска војна која, според информациите од спомнатата дирекција, е наполнета со 70 килограми ТНТ што значи дека е со голема разорна моќ.

bomba II svetska vojnaВо ова меѓувре (вчера) од Дирекцијата за заштита и спасување до медиумите пристигна информација дека нема да има организирана евакуација на жителите од блиските населби Пребег, Железничка и Три Чешми. Од Дирекцијата велат дека би било добро жителите од блиските населби во временскиот период кога ќе се работи на деактиврање на бомбата (10 до 15 часот) да заминат во побезбедни зони, но укажуваат и дека тоа не е задолжително.

Во населбите Железничка и Пребег кои се подеднакво оддалечени од местото на кое е откопана бомбата, го истакнуваат својот страв од можни последици од настанот.

„Се работи за бомба со голема моќ, сознанието дека ќе биде уништена на лице место не ни дава спокој. Јас ќе одам кај моите во селото Долни Балван од каде потекнувам, но останувам во надеж дека нашите пиротехничари квалитетно ќе си ја завршат работата. Сепак, мое мислење е дека бомбата требаше да се транспортира до полигоно Криволак и таму да се заврши процесот“, ни рече Никола Стојанов чие семејство утре ќе биде на гости кај најблиските во Долни Балван.

Додека пиротехничарите си ја работат опасната работа, тереното од околу еден квадратен килопметар ќе биде обезбедуван од полицијата.