Штипјани задоволни од презентацијата за рудното тело Боров Дол

Штип, 17.03.2018

И во Штип. По Конче и Радовиш, се одржа јавна презентација и дебата за новото рудно тело „Боров дол“, кое е на територија на овие три општини. Презентацијата и дебатата беа во организација на министерствата за транспорт и врски и за животна средина.

Николајчо Николов, заменик генерален во рудникот „Бучим“ и упра вител на Бор Дол рече дека отварањето на рудникот „Боров дол“, кој ќе биде површински коп ќе го продолжи векот на „Бучим“ за најмалку уште десет години и тоа почнувајќи од  2020 година.

debata rudnici stip„Овој рудник ќе биде модерен и според европските стандарди. Тоа е инвестиција од 50 милиони евра. Ископот од рудното тело Боров Дол до рудникот Бучим ќе се траспортира со бескрајна за понатамошна преработка во флотацијата. Главниот рударски проект е изработен тој предвидува отварање на еден современ коп за бакарна руда. На Боров Дол ќе бидат применети најдобрите европски и светски практики за заштита на животната средина. Боро Дол ќе биде рудно тело кое на никој начин нема да има негативни импликации по животната средина“, посочи Николов. Тој нагласи дека по ископувањето на јаловината, веднаш ќе се рекултивира просторот, што досега не е правено во останатите рудници.

Најблиско населено место до новиот рудник е штипското село Брест, во кое живеат четворица жители. Меѓу нив е и Стојанче Трајанов, кој смета дека ќе има бенефит од отварањето на рудникот. Трајанов вели дека раководството на Бучим оствариле средба со селаните и според она што им било презентирано тие биле убедени дека од Боров Дол нема да има загадување на земјоделските површини во атарот на нивното село.

Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски истакна дека откако ќе се слушне мислењето на екпсертите ќе се донесе и одлуката за „Боров дол“, бидејќи дел од овој рудник е на територија на Општина Штип.

И градоначалникот на Штип, Благој Бочварски присуствуваше на оваа јавна дебата „Мене ми е посебно драго што денеска овде на оваа јавна расправа има многу учесници, многу институции поканети, Општина Штип е само една од сите поканети институции така што ќе ги слушнеме сите мислења и ова е добро и во насока на транспарентноста којашто ја заговараме и ја најавуваме во претходниот период, да ги слушнеме сите аргументи, да ги соочиме сите ставови. Овде се и стручните луѓе од Општина Штип коишто работат во делот на животната средина, инспекторите за да на крај го добиеме и мислењето од Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за транспорт и врски, според кое ќе ги носиме нашите одлуки со ингеренциите коишто ги имаме“ – рече градоначалникот Бочварски.

На денешнава презентација и дебата присуствуваа жители на месните заедници од Лакавичкиот регион, потоа Здруженија на граѓани, универзитетски професори од штипскиот универзитет, претставници на државни и локални институции.