Штип: ВМРО ДПМНЕ тврди дека Штип добива „базенче“, од СДСМ велат дека прават проекти кои градот ги немал со децении

Штип 14.02.2020

Драмолетката продолжува. Се што во Штип ќе се изгради, или започнува со градба, за опозицијата е ефтин популистички чин. И денешното ставање камен темелник на затворениот базен во населбата Деснаци (или најточно Блок 77) ги предизвика челниците на ВМРО ДПМНЕ во Градот под Исарот јавно да го негираат и овој потфат.

-И после три години најава, и четири пати промена на локација, непосредно пред избори, сакајќи да прикажат дека работат нешто, побрзаа да го обележат местото каде  планираат да го направат таканаречениот затворен базен. Евтините популистички поени кои сакаат да ги добијат пред избори, нема да донесат ништо, туку пораз за оваа власт. Граѓаните ги научија овие предизборни трикови на СДС, затоа што се наслушаа на многу лажни ветувања и најави, па така, не би било чудно и доколку ветат дека базенчето ќе биде пуштено во употреба за 10 дена, изјавија од ВМРО ДПМНЕ.

Тие порачаа дека се работи за „базенче“ со широчина од 9 метри и должина од 20 метри, кое е недоболно за град со 50.000 жители. Според нив политичката гарнитура која моментално насилно владеела во државава, повеќе растурила отколку што направила.- „Проектите со кои се фалат го будат револтот на штипјани, кои ќе ги казнат во блиската прилика што следи“, коментираа опозиционерите..

За СДСМ во јавното обраќање на ВМРО ДПМНЕ ОК Штип нема ништо ново.

-Во ОК ВМРО-ДПМНЕ Штип настојуваат по секоја цена да прават скандали онаму каде што ги нема, со цел да наметнат свое присуство во јавноста. Но, присуството во јавноста се цени кога е одбележано со работа, идеи и конструктивност во критиките, а не со злобни коментари, како што е секогаш случајот со оваа партија, порзачаа од СДСМ.

Според оваа партија, на денот кога во Штип се поставува камен темелник на нов покриен базен и кога штипјани ја добиваат оваа нова спортска содржина која е толку значајна за нив, во ВМРО-ДПМНЕ одлучиле да се расфрлаат со неосновани напади за редовни и комплетно законски постапки во институциите.

-Но, граѓаните нема да дозволат да бидат изманипулирани од злонамерните извртувања на вистината. Штипјани знаат да ја ценат посветената работа на кадрите на СДСМ, а знаат и дека малициозното расфрлање пизма на ВМРО-ДПМНЕ се за најголем презир. Граѓаните знаат дека во изминатите две години се направија и започна со реализација проекти кои во нашиот град ги немало со децении, исто како што знаат дека ВМРО-ДПМНЕ цела деценија лажеше дека нешто ќе направи, кога во реалност не го поместија градот ниту милиметар напред.

Малициозноста на ВМРО-ДПМНЕ не може да ги избрише огромните успеси и постигнувања на кадрите на СДСМ, рекоа од партијата која е на власт во Штип.