Штип го чествуваше раѓањето на Гоце Делчев

Штип, 04.02.2018

Штип денес го чествуваше Денот на раѓањето на револуционерот, патриот, неуморен борец за слободна Македонија, за подобро утре, идеологот на македонското движење, Гоце Делчев.

„Симболиката на нашето денешно чествување е голема, затоа што се наоѓаме на местото во коешто Делчев учителствувал, а на кое место денес се наоѓа ректоратот на универзитетот што го носи неговото име“, рече градоначалникот Благој Бочварски.

3Бочварски порача дека стратегот на националноослободителното движење на македонскиот народ од почетокот на минатиот век, визионер, хуманист и космополит, Гоце Делчев јасно го изразил слободарскиот дух во разбирањето на светот како поле за културен натпревар меѓу народите.

„Во тој дух Република Македонија и денес ја продолжува и одржува својата позција на независна и суверена држава. Република Македонија денес, како мирољубива држава во Европа, својата надворешна политика ја гради врз Повелбата на Обединетите нации: јакнење на меѓународниот мир и безбедност, развивање на економската соработка и заштита на човековите права, како предуслови за побезбеден и праведен свет за сите. Внатре, фокусирани сме на она што ги зближува граѓаните, на нивните заеднички интереси“, порача Бочварски.

Гоце Делчев се залагал за еднакво општество за сите, а со сета своја револуционерна дејност и посветеност тој ги надмина тесните рамки на националната слобода и излезе со својот хуманизам и космополитизам.

Спорд Бочварски, Гоце Делчев бил човек кој не знаел за национализам, шовинизам и слични зла. –„Тој е човек од кого можеме многу да научиме. Го следиме неговиот пример и градиме општество за сите во кое културите ќе соработуваат, ќе се надополнуваат и меѓусебно ќе се збогатуваат“, потенцира градоначалникот на Штип.