ШТИП: Драган Данев избран за командир на Полициската станица Штип

Штип, 28.11.2019

Советот на Општина Штип на денешната седница го избра Драган Данев, 42 години, роден штипјанец, за командир на Полициската станица од општа надлежност Штип. Данев има 17 години стаж во полицијата, а советничкото мнозинство му даде предност пред двајца други кандидати. Тој пред 23 месеци беше назначен на оваа позиција со решение на Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

“Благодарам на големата доверба која денес ми ја укажаа советниците. Она кое од ова место можам да го кажам е фактот дека сите ние во Полициската станица Штип преку зголемен интензитет во работата и со ставање во функција на сите наши ресурси и способности ќе придонесеме за уште подобри реузултати во работата за побезбеден Штип и општината во целина“, рече Данев.

Тој по изборот даде извештај за безбедносната состојба vo oпштината. Данев овој временски период го оцени како стабилен, со мал пораст на криминалот во зголемената кражба на електрична енергија.

Опозициските советници пред гласањето за избор на командир на ПС Штип ја напуштија седницата обвинувајќи го советничкото мнозинство дека им го ускратило правото на демократска расправа во однос на изборот на првиот штипски полицаец. Претходно, од опозицијата обвинија дека Штип станал небезбеден град тврдејќи дека во текот на оваа година во градот имало опожарено дваесет возила.

„Не се дваесет, имаме шест опожарени возила, за едно од нив е откриен сторителот, за другите се води истрага од што биле опожарени, целиот случај е препуштен на надлежните органи, а се што ќе се каже надвор од тоа може да се третира само како шпекулација која не се потпира на никакви аргументи“, појасни Данев.

Од името на Советот на Општина Штип изборот на Драган Данев на оваа значајна позиција му го честита Јане Миланов, претседател на Советот.