Штип и градови од шест држави во дебати за перспективите на ЕУ

Штип, 12.02.2018

Општини од седум европски држави, меѓу кои е и Штип како единствен град од нашава држава. Ќе реализираат повеќе расправи со единствена тема – перспективите на Европската унија.

Во овој проект кој се реализира преку ИПА програмата на ЕУ носител е Општина Аксаково од соседна Бугарија, додека општина Штип се јавува како еден од партнерите. Проектот носи наслов „Иднината на Европа“,

Првата средба ќе се одржи на крајот на април во Аксаково. На истата Општина Штип ќе ја претставува петчлена делегација предводена од градоначалникот Благој Бочварски. Вредноста на проектот е 150.000 евра, а Општина Штип ќе добие соодветен дел за организирање на средбата на неколку теми на крајот на јуни годинава во Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“. Проектот беше аплициран од страна на Општина Аксаково лани.

Освен Штип и Аксаково, во проектот се вклучени уште пет други земји од ЕУ, поточно пет локални самоуправи од пет западноевропски земји. Тоа се Сетубал од Португалија, Монтсерат од Шпанија, кој е во реонот на Валенсија, Озаров Мазовјецки од Полска, Виториа од Сицилија во Италија и градот Викторија од Романија. Во текот на следните три години секој град ќе биде домаќин на по една средба, а претставници од овие седум градови ќе дебатираат за иднината на Европа.

Ова е прв пат Штип да биде вклучен во ваков проект во кој тематски се зближува со градови од Португалија, Шпанија, Италија, Полска и Романија. Во месец јуни, кога таква дебата ќе се оствари во Штип се очекуваат околу триесетина претставници од овие земји кои ќе ги споделат своите гледишта за иднината на Европа.

Штип ќе биде домаќин на дебатата која ќе се одржи од 20 до 22 јуни. Со самото тоа што средбата е планирана да се одржи во Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“, имајќи во предвид дека претседателот Глигоров беше политичар кој во деновите на осамостојувањето, заедно со тогашната политичка структура ги постави темелите за евро-перспективите на Македонија, ова е воедно и достојно одбележување во негова чест.