ШТИП: Клиничката болница подготвена за квалитетно справување со корона вирусот

Штип, 26.02.2020

„Корона вирусот е глобален проблем кој, веројатно, нема да ја одмине ниту нашата држава. Доколку тоа се случи во борбата против овој вирус ќе бидат вклучени сите здравствени институции меѓу кои и Клиничка болница Штип како дел од здравствениот систем“.

Овам, на пладневната прес конференција го најави д-р Ален Ѓеоргијев, директор на Клиничката болница во Штип.

Ѓеоргијев рече дека поради целата оваа ситуација преку медиумите посакал да упати неколку апели до граѓаните.

„Најпрвин да престанеме да шириме лажни вести, а со тоа и паника во однос на корона вирусот зашто така сите ќе бидеме губитници. Неопходно е граѓаните да ги следат инструкциите, информациите и препораките кои доаѓаат само од овластени институции, од Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и сé она кое ќе биде од нив презентирано со цел да се намалат ризиците кои би настанале од евентуална појава на корона вирусот“, рече Ѓеоргијев. .

Но, што е тоа што примарно треба да го направат граѓаните? Првиот човек на штипската Клиничка болница која е од регионален карактер ги даде следните совети:

„Граѓаните од денес да не доаѓат во Клиничка болница и во останатите здравствени установи, зашто сите посети се забранети со одлука на Министерството за здравство, а за кое ние денес сме информирани од самото министерство.

Да престанеме да шириме лажни вести, а со тоа и паника во однос на корона вирусот зашто така сите ќе бидеме губитници. Неопходно е граѓаните да ги следат инструкциите, информациите и препораките кои доаѓаат само од овластени институции, од Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и се она кое ќе биде од нив презентирано со цел да се намалат ризиците кои би настанале од евентуална појава на корона вирусот“.

Потоа, за да се заштитат самите себе, граѓаните да избегнуваат непотребни патувања во земји во регионот во кои има заболени од корона вирусот.

Да се избегнуваат контактите со групи на луѓе кои имаат големи симптоми на грип и (или) настинка.

Рацете да се мијат секојдневно со сапун и топла вода како и со средства кои содржат алкохол, што е најдобра заштита од натамошно ширење на вирусот“.

Штипската Клиничка болница до Министерството за здравство има поднесено ургентно барање за добивање наочари, маски и скафандери кои на докторите и на другиот медицински персонал би им биле потребни во случај на евентуална појава на вирусот во Штип и регионот.

„Она кое е до нас ни одговорно го извршуваме. Обезбедени се доволно средства за дезинфекција на просториите и предметите во нив, се обезбеедуваат доволни количини инфузиони раствори и лекови и се она кое болницата треба да го има во вакви околности“, укажа Ѓеоргијев.

Клиничката болница на своето инфективно одделение има тројца специјалисти, 11 медицински сестри, 35 болнички кревети и две карантински места кои се изградени кога инфективното одделение било градено за да служат за својата намена. Ако се јави потреба од сместување на поголем број лица кои се под сомнение дека се заболени од корона вирусот, тогаш со решение на Министерството за здравство ќе бидат ослободени дополнителни соби и кревети, а дел од пациентите кои нив ги користат и кои се со полесна клиничка слика ќе бидат пуштени на домашно лекување, а дел ќе бидат преместени на други одделенија“, реч Ѓеоргијев.

Инаку, лицата кај кои, евентуално, ќе се констатира присуство на корона вирусот можат да бидат лекувани само на Инфективната клиника во Скопје.