ШТИП: М-р Марија Максимова со признанието „Најдобар наставник во екс Југославија“

04.11.2019

М-р Марија Максимова, професор по пијано во Државното средно музичко училиште „Сергеј Михајлов“ во Штип годинава го доби признанието „Најдобар наставник во поранешна Југославија“ која втора година по ред го доделува истоимената асоцијација, а чиј амбасадор е и проф.д-р Кирил Барбареев од Универзитетот „Гоце Делчев“.

03_484x600Се работи за асоцијација која нема свое место на седиште и делува од разни градови од државите кои беа во состав на екс Југославија. Таа има за цел да ги обедини наставниците – ентузијасти, кои се спремни да вложат заеднички напори да се подобри образовниот процес. Во неа се вклучени наставници од сите профили, од сите полиња, почнувајќи од наставници од претшколска возраст до универзитетски професори.За да се стане член , а потоа да се освои наградата не е воопшто едноставно, треба да се исполнат многу критериуми.

-Наставникот мора да има реализирано стручен труд, иновации во наставата, научен труд, истражувања во областа на педагогијата, да биде организатор на проекти, предавач на јавни собири од струката, да има награди на државно и интернационално ниво, да се има свој блог на кој ќе ги промовираат своите ученици, креативност во наставата, вели Максимова.

01_600x600Таа посочува дека годинашнава манифестација се одржала во Белград.

-Од настанот се враќам со неповторливи импресии, таму разменивме драгоцени искуства и се договоривме за нови средби, конференции, размена на идеи и слично, појаснува добитничката Максимова.

Инаку Максимова е добитничка и на признанието „Најдоброто од истокот во образованието“ за 2018 година кое и го доделија новинарите од регионот во рамките на манифестацијата „Избор на најдоброто од истокот“, а годинава стана добитничка и на наградата „8 Ноември“ која градот Штип ја доделува по повод Денот на ослободувањето.