ШТИП: На Денот на уметноста свечено пуштени во работа мозаичните фонтани пред Домот на култура „Ацо Шопов“

Штип, 15.04.2022

Денес е светски ден на уметноста, а по тој повод пред Домот на култура „Ацо Шопов“ над стотина граѓани, ученици, студенти, уметници, новинари, културни и јавни работници присуствуваа на несекојдневен уметнички настан-свечено пуштање во употреба на две мозаични фонтани како една преубава идеја на Центарот за култура „Ацо Шопов“.

Настанот беше збогатен со изложба на уметнички слики поставени на штафелаи на широкиот булевар-влез во Домот на културата.

-Денес свечено пуштаме во работа две мали, преубави фонтани на кои посебен печат им даваат мозаиците кои се дело на дипломираниот мозаичар Александра Димитрова како носител на проектот и нејзината соработничка Верица Наумова, наставничката по ликовно во ООУ „Ванчо Прке“-Штип. Овој простор им го оставаме на младите генерации за тие тука, со сесрдна помош и поддршка на Центарот за култура, да можат да ги практикуваат и пред јавноста промовираат своите уметнички вештини, рече на свеченоста Горан Трајков, директор на  Центарот за култура во Штип и идеен творец на овој проект.

Уметничката мозаичарка Александра Димитрова напомна дека во само два месеци успеале да ги направат мозаиците за двете фонтани.

-Со мојата соработничка Верица Наумова и нејзините ученици успеавме да реализираме значајна мозаична уметност, а со вакви проекти ќе продолжиме и во иднина, рече Димитрова, која нагласи дека мозаикот е најстарата позната уметност на нашата цивилизација.

За Верица Наумова од непроценливо значење е тоа што триесеттина ученици од нејзиното училиште имале можност да ја изучуваат техниката на изработка на мозаици.

-„Очекувам да продолжиме со овие активности и во иднина, што ќе биде од посебно значење за нашите ученици кои ја сакаат уметноста. Од големо значење е тоа што нашите ученици остават траен белег во културата на својот град Штип“, рече Наумова.

Директорот Трајков на сите учеснички во изработката на мозаикот им врачи благодарници.

Најубав беше чинот кога група ученици кои работеа на мозаиците го притиснаа копчета по кое потече водата од двете фонтани и започна да го освежува просторот.

278238411_718909959541977_6304964315207207232_n 278242990_556148385807503_732982391071835278_n 278320305_3147246068872381_4139540000354577162_n