ШТИП: На Суитлакот ќе започне изградба на затворен базен

Штип, 10.02.2020

Агенција за млади и спорт ќе инвестира во изградба на затворен базен во Општина Штип за потребите на граѓаните и на спортистите.

За првпат во Штип ќе се гради ваков енергетски ефикасен објект со димензии од околу 30 метри должина и 20 метри ширина, а додека самиот базен е со должина од 25 метри и ширина од 9 метри.

Овој значаен објект за граѓаните на Штип ќе се гради во населбата Суитлак каде деталниот урбанистички план предвидува изградба на спортски објекти.

„На мое огромно задоволство и на задоволство на граѓаните ја информирам јавноста дека за првпат во историјата на градот ќе се започне со изградба на затворен базен во Општина Штип. Во наредните неколку денови ќе го поставиме камен темелникот на овој објект,“ посочи градоначалникот Бочварски во изјавата за медиуми.

Затворениот базен  ќе ги задоволи потребите за обука за непливачи, тренинг на пливачи, натпревар во пливање и многу други спортски активности.