ШТИП: Обезбеден материјал за 20.000 заштитни маски

Штип, 19.03.2020

Општина Штип успеа да обезбеди материјал од кој ќе се сошијат 20.000 заштитни маски од корона вирусот. Општината доследно ги превзема и спроведува во дело сите мерки во насока на заштита на здравјето на граѓаните, здравствените работници, полицијата, новинарите, текстилните работнички.

-Веќе од утре неколку штипски компании започнуваат да шијат 6.000 маски, а дополнително разговараме со уште неколку конфекции кои ќе излезат во пресрет и ќе продолжат со шиење на уште 14.000 заштитни маски за граѓаните. Овие маски се за повеќекранта употреба и граѓаните можат да ги перат и повторно да ги употребуваат, изјави градоначалникот Благој Бочварски.

Општина Штип изразува благодарност до текстилните компании „Ларс“, „ВАБО“ и „ЕАМ“ кои имаат постојана координација и комуникација со Општина Штип во овие важни моменти. Заштитните маски ќе бидат доделени на здравствените работници, на полицајците, на текстилните работнички, на пензионерите, новинарите со што ќе се излеземе во пресрет на потребите за безбедноста и здравјето на граѓаните.

-Заедно со претседателот на Совет на Општина Штип, Јане Миланов остваривме средба со советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов и Љубе Здравков при што ги информирав за сите одлуки и заклучоци кои беа донесени на Општинскиот штаб за заштита и спасување. Како прв човек во градот и на овој кризен штаб, ќе бидам во тесна комуникација со Советот на Општина Штип и советничките групи од власта и опозицијата. Очекувам сериозност, смиреност и дисциплина од сите граѓани и сите политички чинители. Убеден сум дека Штип ќе одговори на предизвикот во овие клучни моменти,“, порача Бочварски.

Општина Штип продолжува со сите мерки на превенција и заштита на здравјето на граѓаните. Континуирано се дезинфицираат сите улици, јавно прометни површини и паркови, со возилата на Општина Штип но и со неколку земјоделски машини кои се во сопственост на приватни компании и се ставени на располагање на Општината.