ШТИП: Отворена изложба на слики од Струмичката ликовна колонија

Штип, 08.10.2019

Денес напладне, во изложбениот салон во Домот на култура „Ацо Шопов“, беше отворена изложба на слики од годинашнава Струмичка ликовна колонија, Изложени се дваесет дела од уметници од седум држави кои биле учесници на колонијата во времето од 1 до 12 август годинава.  Организатори се Центаро за култура во Штип и Комисијата за култура при Советот на општина Штип.

Изложбата ја отвори Иван Бојаџиски, претседател на Комисијата за култура при Советот на Општина Штип, а за уметничките дела зборуваше професорот по ликовна уметност во гимнзијата „Славчо Стојменски“, познатиот ликовен уметник, Кирил Казанџиски.

0011_800x600-Струмичката ликовна колонија е најстара во државата и постои цели 56 години. На неа досега учествувале над 1.300 уметници од речиси сите европски земји како и држави надвор од стариот континент. Тие создале над 2.600 слики од кои најголемиот дел ги красат струмичките институции, стопански организации, домовите на пасионирани колекционери. На колониите, покрај сликарство се работи и графика, вајарство, фотографија и мозаик. Досега се изработени над 60 мозаици. Оттука, слободно може да се каже дека Струмица е најголемата уметничка галерија во нашата држава, рече Бојаџиски. Тој додаде дека годинава уметниците создале четириесет слики од кои половината се изложени пред штипјани.

Професорот и ликовен уметник Казанџиски рече дека изложените слики во Штип доминантно се работени во маслена техника на платно, најомилената техника меѓу уметниците-сликари. Со оглед на фактот дека на отворањето на изложбата најприсутни беа учениците од најдоброто средно училиште во државата, а тоа е гимназијата „Славчо Стојменски“, Казанџиски им порача на учениците кои кај себе насетиле дарба за уметност, за сликарство посебно да си дадат шанса таа дарба да ја искористат зашто уметноста е онаа гранка која светот го прави да биде подобро место за живеење.