ШТИП: Партиите ја спукаа и околу „Рекет“

Штип, 12.08.2019

„Рекетот“ на Боки 13 заразно делуваше и на политичките партии во Штип. Настанот за ВМР ДПМНЕ Е „рекет наместо правда“, а за СДСМ фактот дека „ВМРО ДПМНЕ Е во првата линија на одбрана на криминалот“.

-Наместо правда добивме рекет! Тоа е мотото на Селективното Специјалното јавно обвинителство, кое по налог на власта, а во името на правдата ги рекетира, затвора, ослободува и се пресметува со политичките неистомисленици, оценуваат во ВМРО ДПМНЕ.

-Власта се ниша од меѓународниот скандал, а шарените револуционери и партиските функционери на СДС во Штип наместо да се извинат и да го осудат овој невиден криминал, мака мачат како да го оправдат рекетот и својот лидер.

Локалните фунционери на СДС се свесни дека преку нивната поддршка за криминалното СЈО и рушењето на воспоставените институции во државава, тие директно придонесоа да се легализира криминалот и да ја донесат Македонија во подредена положба. А дека тоа е вистина, се докажа од веќе слушнатите снимки.

Селективното специјалното јавно обвинителство за кратко време си ги покажаа вистинското лица, кои ни малку не наликуваат на она за кое се претставуваа.  Во изминативе 4 години  за функционирање на криминалното СЈО се потрошија 11 милиони евра, кои не донесоа ни правда, ни мир. Напротив, на грбот на сиромашниот народ трошеа пари, а веќе се уверивме и дека работеле незаконски и надвор од нивните надлежности.

Затоа бараме, локалните бранители на криминалот, односно претставниците на СДС да се извинат на јавноста! Нивната поддршка допринесе народот да биде излажан, а државата да се најде во потчинета состојба, беше поентата на Иван Јорданов, прв човек на ОК на ВМРО ДПМНЕ во Штип.

За СДСМ – Општинска организацција Штип единствени бранители на криминалот се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Единствената агенда на ВМРО-ДПМНЕ беше и останува одбрана на криминалот на режимот. ВМРО-ДПМНЕ одработува за тајкуните од режимот и обвинетите криминалци затоа што се надеваат дека на тој начин ќе ја поткопаат правната држава. Самонаречените патриоти од ВМРО-ДПМНЕ силно се надеваат и вредно работат да не се донесе новиот закон за ЈО. Тие силно се надеваат и вредно работат да не станеме членки на ЕУ. Тие силно се надеваат и вредно работат за да ги спасат вистинските криминалци и да ги претстават како жртви, рекоа од СДСМ..

Според владеачката партија објавените снимки потврдуваат дека премиерот Заев нема никаква вмешаност. Сосема спротивно, токму тој го пријави, повикува до крај да се расчисти случајот, се бори за правда преку градење на независни и функционални институции кои вистински се борат со криминалот и корупцијата.

-Нема да успеат обидите на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да ги загрозат случаите што се водат против криминалите на режимот и нивните тајкуни. Секој, од прв до последен поврзан со овој случај мора да одговара, вклучително и тајкуните на режимот. Сите предмети, од ,,Империја” и ,,Талир” преку „Тврдина“ „ТНТ“, „Топлик“ „Тарифа“ ,,Трезор“, па сè до „Титаник” и ,,Тревник” мора да бидат расветлени до крај и сите за кои ќе се утврди вина да одговараат.

А, што се однесува до криминалците, тие и ден денес се дружат со челниците на ВМРО-ДПМНЕ. Денеска заедно на Хвар, видени “жртвата” од “Рекет” Орце Камчев и Мицкоски. На граѓаните им е јасно кој е кој.

Граѓаните можат да бидат спокојни. Криминалците ќе одговараат, почнувајќи од првиот – бегалецот во Будимпешта, па сè до последниот, без оглед на која политичка опција припаѓа, е ставот на СДСМ Општинска организација Штип..