ШТИП: СДСМ се фали, ВМРО ДПМНЕ негира…

Штип, 17.09.2019

Штипските социјалдемократи денес на прес конференција ги истакаа сите, според нив позитивни работи од значење за државата, кои се реализираат во период кога тие се на власт во државата.

-Интензивно работиме на унапредување на целокупната инфраструктура. После долги години, во Истокот се вложуваат сериозни суми пари за изградба на нови патишта, како и рехабилитација на старите, кои со децении беа заборавени. Конечно го запревме хаосот создаден од 11 години дивеење на ВМРО-ДПМНЕ во инфраструктурата, рече Игор Богдановски, член на Комисијата за информирање на ОО на СДСМ во Штип.

Според Богдановски, во овој момент Владата предводена од СДСМ ги реализира историски најголемите инвестици во инфраструктурата.

– Се гради насекаде како никогаш до сега. Во моментов во Истокот се работи на изградба на експресните патишта Штип-Кочани и Штип-Радовиш. Во експресниот пат Штип-Радовиш, се вложуваат 51 милион евра. Во моментов се работи на првата фаза со должина од 23 километри. Според динамиката на градежните работи се очекува изградбата да биде завршена пред предвидениот рок, во 2021 година. Изградбата на овој експресен пат и реконструкцијата на целокупната патна мрежа значително ќе влијаат врз локалниот и регионалниот економски развој. Имено, овој експресен пат ќе придонесе за поголемо поврзување на истокот и југоистокот, со што ќе се подигне животниот стандард на преку 170.000 жители, а голема придобивка ќе имаат над 12.000 фирми кои дејствуваат во регионов, посочи Богдановски.

Социјалдемократите уште рекоа дека дополнително, во периодов што следува, Владата предводена од СДСМ започнува со реконструкција и рехабилитација на 450 километри магистрални и регионални патишта. Средствата за санација на овие патишта се веќе обезбедени од буџетот на Владата и од буџетот на ЈП за државни патишта.
Исто така интензивно се работи и на подобрување на патиштата и улиците во општините. Во завршна фаза е обезбедување на 70 милиони евра преку Светска банка наменети за изградба и рехабилитација на локални патишта. Овие пари можеме да најавиме дека ќе можат да се користат веќе од следната година.

Изградбата на нови патишта, модернизацијата на патната мрежа и зголемувањето на безбедноста во сообраќајот се врвен приоритет за СДСМ и Владата која ја предводи, изјавија од владеачката партија.

ВМРО ДПМНЕ не се сложува со ваквото гледање на работите од страна на СДСМ.

-Најпрво да ви се заблагодариме што со голем ентузијазам ги истакнувате проектите на ВМРО-ДПМНЕ! Меѓутоа, мораме да ве потсетиме дека  патиштата од  Штип до Кочани и Радовиш не само што се идеја, туку и стартната реализација беше започната од Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Со вашите фалби, повторно докажувате дека како што одвај успеавте да го завршите автопатот Штип Миладиновци, кој се’ уште има аномалии, така е и со споменатите патни правци, кои очигледно е дека и до крајот на мадатот нема да успеете да ги финиширате. Но, граѓаните веќе ги прочитаа вашите лаги и манипулации! На наредните избори пред нив ќе давате отчет-дали се занимававте со градба или рекет, стои во реакцијата на опозицијата.