ШТИП: Стартува Солидарниот фонд, градот си го враќа својот најсјаен статус од минатото

12.01.2021

Управниот одбор на Фондацијата за развој на информатичката технологија и солидарен фонд денеска одржа седница на која се донесени повеќе одлуки за брз старт на Солидарниот фонд. Подготовките ќе траат најдоцна до почетокот на месец март, годинава, кога ќе се тргне во информативна активност.

Идејата е Штип да си ја врати врвната човечка особина а тоа е – солидарноста. Кон солидарниот фонд ќе можат да се приклучат сите стопански фирми, мали, големи и средни претпријатија, институции и организациии како и поединци. Влогот на секој од спомнатите во штипскиот Фонд на солидарноста, при што парите кои на доброволна основа секој ќе сака да ги уплатува, ќе одат на сметка на Фондот кој има директор во ликот на Никола Тушев, вработен во локалната администрација.

138616741_245947890305869_9173597619840624154_nПретседател на УО на Фондот е градоначалникот д-р Сашко Николов, советникот Иван Бојаџиски е негов заменик, а членови на Управниот одбор уште се и советничките д-р Биљана Ефтимова и д-р Данче Рамбабова, Борис Шарковски од невладината  Фондација за развој на локалната заедница, Емилија Ефремова, раководителка на Фондот за Здравствено осигурување и Алакесандар Патраклиски, стопанственик од ЕАМ.

-Сакаме кон солидарното штипско семејство да се приклучат што поголем број претпријатија, институции и граѓани. Секој од нас и секој од нив да дава во фондот мали пари чиј конечен збир ќе значи голема можност за помош при лекување на наши сограѓани при што  предимство ќе имаат оние на возраст до 18 години. Капка по капка да го создаваме големиот океан на нашата солидарност. Фондот е тука, ние од Управниот одбор сме тука за да прифатиме што поголем број на мислења во однос на оваа нова преубава приказна на и за нашиот Штип, рече градоначалникот и претседател на УО на Фондот д-р Сашко Николов.

Според заменик-претседателот Иван Бојаџиски, ова ќе значи возобнување на една од најсветлите традиции на градот од времето на бившиот систем. –„Нашиот Штип беше на прво место во република Македонија по солидарноста во време на социјализмот, а во Југославија бевме на второ место веднаш по словенски Марибор. Тоа беше нешто кое Штип го одделуваше од другите градови, нешто на што сите бевме горди. Тогаш штипјани на мал милион примери покажа и докажаа дека солидарноста и заедништвото им се во крвта, а така ќе биде и во овој случја“, рече Бојаџиски.

Директорот Никола Тушев вели дека граѓаните, фирмите и институциите најмалку двапати во текот на една календарска година ќе добиваат информации за состојбата со средствата на сметката на Фондот како и за секој потрошен денар.

– Знаеме дека клучниот збор е довербата, довербата на граѓаните во Фондот и во начинот на кој се трошат солидарните средства. Сите ќе бидеме на иста задача и сите заедно ќе го положиме овој голем испит на нашето заедништво“, рече Тушев.

Планирано е мотото на Фондот да биде „Секогаш да даваш-никогаш да немаш потреба од парите на Фондот“.

Ако сé биде како што треба, по најмногу две години, на сите влезови во градот со гордост ќе можат да се постават табли со натпис:

 „Добредојдовте во Штип, Градот на солидарност“ и едно големо, штипско срце на него