63 села на истокот секоја година посиромашни секое за по милион евра

Кочани, 25.11.2016

Убави села во убавата виничко-кочанска и штипско-овчеполска котлина секоја година губат огромни суми пари поради неспособноста на оваа власта профитабилно да го менаџира регионалниот хидросистем „Брегалница“.

Десет години по ред искористувањето на регионалниот хидросистем се намалува наместо да биде спротивното. Точно 211 милиони кубни метри вода џабе истекуваат низ коритото на реката Брегалница низводно од браната Калиманци. Руинираните 101 километар магистрални лев и десет канал, и 330 километри детална каналска мрежа не можат да ја достават големата вода до корисниците.

А и никому не му е гајле за тоа.

Земјоделски и економски експерти денес ни потврдија дека ако во текот на осумдесеттите години од минатиот век од хидросистемот се наводнувале до 25.000 хектари, денес таа бројка е спадната на бедни 7.000 хектари.

„Точно 63 села во општините до кои допира хидросистемот, годишно во просек губат по еден милион евра. Тоа се огромни пари, а само кај нас може плодно поле со систем за наводнување и преполна брана да не носи бенефит за луѓето. Загубата е резултат на фактот дека две третини од нивите не се наводнуваат поради неспособноста да се менаџира системот“, ни рекоа двајца експерти од кочанско.

Ќе се сети ли некој во власта дека вакво богаство е сон на секоја нормална држава и дека држава која има силно и развиено село и во услови на блокади и војни не може да остане без храна и на тој начин да страда….Зарем на нашите власти не и беше доволен примерот со Србија, земја сосед која и во услови на тешки, долговремени блокади успеа да преживее благодарејќи пред се на развиеното село и силниот аграр…