75 години од формирањето на Здружението на новинари на Македонија, прв претседател Мито Хаџивасилев-Јасмин

Штип, 17.02.2021

На денешен ден,17 февруари 1946 година во Скопје е основано Здружението на професионалните новинари на Народна Република Македонија.

На повик на Акциониот одбор за основање на Здружението во Градскиот народен одбор на Скопје се состанаа новинарите од неколку скопски редакции: “Нова Македонија”, “Трудбеник”, “Единство”, Радио Скопје и скопското дописништво на агенцијата Танјуг. На Основачкото собрание тие го основаа првото Здружение на новинарите во историјата на Македонија.

Основачкото Собрание го отвори одговорниот уредник на скопскиот весник “Единство”, Димитар Митрев. Во име на Народната влада на Македонија, Собранието го поздрави др Павел Шатев, министер за правосудство, а во име на македонските книжевници, композитори и артисти, поетот Венко Марковски.

За претседател на Здружението на новинарите на Македонија едногласно беше избран Мито Хаџивасилев-Јасмин, одговорен уредник на „Нова Македонија”. За потпретседатели беа избрани Асен Тодоров, уредник на дописништвото на “Танјуг” и д-р Пјетро Јанура, одговорен уредник на весникот “Фљака е влазримит”, за секретар Дејан Алексиќ, раководител на дописништвото на “Танјуг”, а за благајник Тошо Шкартов, член на редакцијата “Нова Македонија”. Собранието потоа ги избра своите органи –

Пленум, Надзорен одбор и Суд на честа. За почесни членови едногласно беа избрани: Димитар Влахов, Павел Шатев, Бане Андреев, Алексо Муртаклов, Димитар Поп Ефтимов, Киро Миљовски, Веселинка Малинска и Лилјана Чаловска.

Денот на основањето на Здружението на новинарите на Македонија, 17 февруари, традиционално се одбележува како Ден на македонското новинарство.

Актуелен претседател на ЗНМ е Младен Чадиковски, уредник во 24 ТВ, а извршен директор Драган Секуловски.

Мито Хаџивасилев-Јасмин
Мито Хаџивасилев-Јасмин

На фотографијата: првиот претседател на ЗНМ Мито Хаџивасилев – Јасмин.