91-годишно лице меѓу првите што се вакцинираа против ковид-19 во Штип

Виталниот 91-годишник сам дојде, ги искачи скалите од Здравствениот дом во Штип и пристигна на вториот кат на пунктот за вакцинација на закажаниот термин за да ја прими првата доза на вакцината АстраЗенека. Овој пациент беше меѓу првите кои денеска ја примија вакцината и го означија на почетокот од вакцинацијата на повозрасните граѓани во Штип. Вчера попладне во Одделот за вакцинација пристигнаа 400 дози на вакцини, наменети за граѓани над 77 години.

– До петок ќе се вакцинираат по 40 граѓани дневно, во терминот од 8-14 часот. Пополнети се термините до понеделник. Добивме инструкции да работиме и во две смени, но ќе видиме од понеделник. Ангажирани се двајца доктори и три медицински сестри – изјави Снежана Трајковска, директорка на Здравствениот дом во Штип.

На вакциналниот пункт во Штип денеска затекнавме главно повозрасни пациенти. Во кратките изјави за новинарите, тие кажаа дека добро се чувствуваат откако примиле вакцина и повикаа и останатите граѓани да се вакцинираат.

Само еден пациент од закажаните за денеска не се појавил по препорака од лекар. На влезот, граѓаните ги пречекуваат волонтери од Црвениот крст, кои мерат температура и помагаат во пополнувањето на писмените согласности. Потоа, поминуваат низ лекарската ординација и најпосле во собата за вакцина. Упатите се добиваат електронски и веќе се во системот. Граѓаните со себе треба да имаат документ за идентификација и здравствена книшка.

Штип е единствениот град од источниот регион, каде почна вакцинацијата. Во петок почнува имунизацијата и во Кочани, Делчево и Македонска Каменица.