KОЧАНИ: Градоначалникот Илијев со жалба до СЕММ против порталот Курир за клевета

Кочани, 13.05.2019

Николчо Илијев, градоначалник на Кочани, утре поднесува жалба до Советот за етика во медиумите (СЕММ) против порталот Курир. Жалбата е по основ  клевета.

Според Илијев деновиве на непознати фејсбук адреси се појавил текст против неговиот брат со јасна намера нему како носител на функцијатра градоначалник на Кочани да му се нанесе штета. Во текстот стоела објавата дека неговиот брат добил прилична сума на пари на име субвенции за земјоделие.

„Мојот брат има своја конзерва фабрика, за субвенции ниту аплицирал па, аналогоно на тоа ниту можел да добие. Очигледнот е дека таквите написи што се појавија преку анонимни фејсбук-профили, го покажуваат стравот на одредени деструктивни сили кои не им мислат добро на Кочани и на граѓаните на Кочани. Тие деструктивни сили се плашат од нашето рационално управување, отчетно работење за секој потрошен денар, се плашат од проектите за реализација надвор од буџетот на Општина Кочани чиј износ е повеќе од 3,2 милиони евра“, вели Илијев.

Тој на краторите на лажни вести им порачува дека како градоначалник и како локална власт целосно остануваат посветени на граѓаните и на решавањето проблеми од јавен интерес од локално значење.

„Граѓаните на Кочани веќе го знаат мојот начин на работа.Затоа, под целосна морална, материјална и кривична одговорност изјавувам дека информациите пласирани преку анонимни фејсбук-профили и партиски портали во целост се неточни и се надвор од мојот принцип на работа. Исто така, членови на моето потесно семејство никогаш ниту аплицирале ниту добиле помош од државата. Жал ми е што со дезинформации им се нанесува ненадоместлива штета на реномирани стопанственици“, се вели во јавниот допис на Илијев.

Градоначалникот Илијев испратил демант на објавената вест од Курир, но уредништвото на овој портал не сакал истиот да го објави.

„Утре испраќам жалба до Советот за етика во медиумите проти порталот Курир, убеден сум дека СЕЕМ правилно ќе ги истражи фактите и дека на Курир  ќе му изрече мерка соодветна на тежината за лажно, непрофесионално, нефер и неодговорно известување против носител на висока функција во една општина“, посочува Илијев.

Тој ги повика граѓаните на Кочани со внимание да прифаќат информации од недефинирани фб профили и да им веруваат само на оние информации кои  содржат факти и јасно го именуваат изворот на информацијата.