KOЧАНИ: Почна изградбата на патот од Оризари до локалитетот Добра Вода

Кочани, 14.11.2019

Со воведувањето во градежните работи на изведувачот „Бетон“ од Скопје почна реализацијата на проектот за изградба на патот што води до манастирот „Пресвета Богородица“ во месноста Добра Вода.

– За оваа сообраќајница имавме барања од поголем број жители на Оризари. Се работи за поврзување на населено со познато излетничко место кое е посетено во текот на целата година, а за време на манастирската слава се собираат неколку илјади верници и гости од регионот и пошироко – изјави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

ko02_800x533– Задоволен сум што дочекавме да се гради патот до нашиот манастир. Иако многу луѓе велеа дека овој пат тешко може да се направи, ете гледаме дека може и за тоа му благодариме на градоначалникот Илијев – рече Стефан Смилков, жител на Оризари.

Изградбата на патот од Оризари до Добра Вода е со проект на Центарот за развој на Источниот плански регион, за што беа одобрени 15 милиони денари од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Советот на Општина Кочани во септември минатата година одобри кофинансирање од Општина Кочани во висина од близу 11 милиони денари.

Патот од Оризари до Добра Вода е со должина од два километри и ширина од 3,5 метри. Планирано е пробивање и асфалтирање на коловозот и поставување на информативни табли и соодветна патна сигнализација.