KOЧАНИ: Се враќа улицата „Маршал Тито“, ВМРО оди во историјата

Кочани, 16.08.2018

На барање на Здружението на граѓани „Јосип Броз Тито“ и на советничката група на СДСМ, Кочани си ја враќа улицата која над 50 години го носеше името на Маршалот. Се работи за главната кочанска улица која е покрај Кочанска река во самото срце на градот.

„Кога се смени локалната власт од Советот на општината и градоначалникот Николчо Илијев побаравме на улицата која ВМРО ДПМНЕ ја преименува во ВМРО да и се врати старото име Јосип Броз Тито. Бевме децидни во барањето зашто се што се изгради во нашето Кочани се е изградено во времето на Маршалот. Ние сме Здружение на граѓани кое со гордост го носи името „Јосип Броз Тито“, го чува споменот на големиот светски државник и не се помиривме со фактот дека претходната локална и државна власт направија неразумен потег. Очкуваме час побргу оваа улица да си го доибе старото име“, вели Трајче Трендов, претседател на ова граѓанско здружение.

Градоначалникот Николчо Илијев ни потврди дека имале барање за враќање на старото име на главната улица во Кочани.

Кога на власт во Кочани беше ВМРО ДПМНЕ ескпресно го тргна името на Тито од главната улица и го стави името ВМРО, сега Советот на општината ја исправа неправдата кон Маршалот…

„Исто такво барањње дојде и од советничката група на СДСМ. Бидејќи за такво нешто согласност треба да се добие и од Владата ние побаравме и добивме таква согласност. Сега, на некоја од наредните седници на Советот на општината ќе донесеме одлука по која ќе биде извршена промена на името на оваа улица, односно ќе се врати нејзиното старо име“, ни изјави Илијев.

Здружението на граѓани „Јосип Броз Тито“ во Кочани е најактивно од повеќето такви здруженија во државата.

„Секоја година на 25 мај низ општината ја носиме штафетата на младоста како што беше во убавите ЈУ времиња. Таа оди низ неколку села, па низ повеќе градски урбани заедници за на плоштадот во Трговскиот центар последниот носител да ми ја предаде мене. Нашата иконографија е со знамето на нашата бивша заедничка држава, со маици со ликот на Тито, со песни за него, за Југославија, за братството и единството кое го имавме. На секој 4-ти мај одиме во Белград каде во Куќата на цвеќето положуваме венци и свежо цвеќе. Годинава таму бевме околу 50 почитувачи на ликот и делото на Маршалот, а најмногу автобуси и народ имаше од Словенија“, ни изјави Трендов.

За упорноста на ова здружение да се чува и негува ликот и делото на Тито дознала една јапонска телевизија.

„Тие дојдоа во Кочани, снимија подолга емисија за нашето Здружение, посетија повеќе семејства во кои се чува и негува споменот на Тито, а потоа таа емисија го обиколи светот. Сега само живееме за денот кога Советот на општината ќе ја исправи големата неправда кон најголемиот син на нашата, а светска Југославија и ќе го врати името на улицата“, вели Трајче Трендов.