KOЧАНИ: Со промоцијата на книгата „Богатство запишано во времето“ од Киро Герасимов се отвора манифестацијата „Деновите на кочанскиот ориз“

Кочани, 27.09.2019

В понеделник, на 30 септември 2019 г., со промоцијата на втората книга од едицијата „Богатство запишано во времето“ од Киро Герасимов, почнува 28. издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“.

Делото содржи 43 репортажи, новинарски записи и белешки за настани, луѓе, места од минатото на Кочани, претходно објавени на различни локални и национални медиуми. Посебно место во книгата Герасимов им отстапува на кочанци кои со својата мисла и дело оставиле вистински траги во локалната историја. Записите за нив се оригинални, пренесени автентично, според нивните раскажувања.

B02_800x355Во оваа книга се запишани и настани од театарското живеење на Кочани, а простор им е отстапен и на здравствените работници и на спортистите преку нивните клубови.

Книгата ги чува и фолклорните традиции на кочанците и Македонците во Словенија, опишани преку работата на Македонското фолклорно друштво „Илинден“.

Втората книга „Богатство запишано во времето“ на авторот, новинар и публицист Киро Герасимов е отпечатена со средства од Програмата за култура на Општина Кочани за 2019 г.

Промоцијата ќе се одржи во Салонот на кат во Центарот за култура „Бели мугри“, со почеток во 19 часот.