„Боров Дол“ влегува во процес на експлоатација

Радовиш, 10.10.2018

Рудното тело „Боров Дол“ кое го продолжува рабтниот и животен век на рудникот „Бучим“ за бакар за најмалку десет години, влегува во процес на експлоатација. Министерството за економија на Република Македонија му ја врачи дозволата за експлоатација на минерална суровина –  бакар на локалитетот “Боров Дол“-Радовиш кој е во сопственост на Групацијата Солвеј Инвестмент.

“Среќни сме поради ваквата одлука на Министерството за економија и сега можеме да се посветиме на концесискиот простор кој зафаќа површина од  4,72 киометри квадратни“, ни изјави Николајчо Николов, заменик генерален директор во „Бучим“ .

Со оваа дозвола практично можат да почнат потребните рударски работи на рудното тело ‘’Боров Дол’’ од каде ископаната руда ќе се носи на преработка во рудникот “Бучим”. Тое ќе се прави со транспортна трака долга околу осум километри.

Претходно Заводот за заштита на спомениците на култура и музеј Штип од археолошки аспект го истражи подрачјето на рудното тело но и просторот на кој ќе се гради бескрајната транспортна лента, го присобра архивскиот материјал и го ослободи просторот за значајна економска експлоатација.

„Среќни сме поради сознанието дека со нашата стручна и посветена работа придонесовме рудникот за бакар „Бучим“ да си го продолжи работниот век и да продолжи да биде значаен чинител во националната и регионална економија“, вели Мите Штерјов, директор на штипскиот музеј.

Според предвидените планови, се очекува со испораката на рудата од “Боров Дол” до рудникот “Бучим”, да се почне во почетокот на 2020 година. Капацитетот на ископ на руда во овој рудник е предвидена во количина од 4,5 милиони тони годишно.