„Вистинскиот запад“ – одлична приказна која мора да се гледа

  • Рецензија на м-р Трајче КАЦАРОВ за претставата „Вистинскиот запад“ по текст на Сем Шепард, во режија на Борис Василески, извршен продуцент – Ава Хусеини, продукција – МКЦ од Скопје

Приказна е нарација. Расказ. След на настани. Ни кажува кои сме биле, што сме биле, кои сме можеле да бидеме. Таа е интерпретација. Како и идентитетот, којшто е исто така приказна за тоа кои мислиме дека сме, постојано испитување и преиспитување на себе си.“ Така напишал Горан Стефановски во книгата „Приказни од Дивиот исток“. Во статијата со наслов „Како моите пријатели ја загубија нивната приказна“ зборува за Раде Шербеџија и неговата приказна. Раде легендата на ЈУ глумиштето, бившиот Хамлет, протагонистот откако отишол на Запад  станал антагонист. И се’ заради улогите што му ги доделувале: источноевропски мафијаш, човек на кој не може да му се верува. А причината за тоа е, според Стефановски, во загубената приказна.

Ако за некој во светот на филмот, во театарот како драматичар, можам да кажам дека е мој идол, можам за Сем Шепард. За мене Шепард е актерот на тивката реч и на мирниот гест. Тивки и мирни, но чујни и разбирливи. Но, тивката а бучна реч, не ја остава само за сцената и за пред камерите, туку ù’ наоѓа место и во неговите драмски творби. Го гледаш, го читаш и ти се чини, не треба ништо друго да правиш, освен да се обидеш да го слушнеш и да ја прифатиш топлата рака која ти помага при влезот во илустрацијата на душевната акција. Ти помага да влезеш таму каде мирното море крие бура; каде тивка реч крие рев од бес, рев за помош; каде баналната приказна,  станува изгубена проекција за иднината. Токму тоа го наоѓаме во пиесата „Вистинскиот запад“.

Секој од четиричленото семејство, иако таткото само се споменува, има своја приказна. Во мигот кога ќе сакаат да ја раскажат, сфаќаат дека ја немаат. Ја немаат зашто ја изгубиле. Помалиот брат Остин  (во претставата Марјан Наумов) ја губи кога ја проектира својата иднина врз основ на интелектуалната акција низ сценаријата за филм. Постариот брат Ли (Томислав Давидовски) научен животот да го минува во скудни услови какви што нуди пустината (можеби заради прочистување на душата) ја губи во мигот кога сака иднината да ја проектира преку позајмен, да не речам украден идентитет. Нивната мајка (Тања Кочовска) ја губи откако ќе го изгуби времето. За неа Пикасо е жив, доаѓа во нејзиниот град и таа трга да се сретне со него. Таткото за кого само се зборува, или се споменува на неколку пати, ја губи својата приказна откако ќе се одаде на порочниот живот. Со иста загуба се соочува и Продуцентот  (Мартин Манев) чија епозодна ролја дава едвај препознатлив прилог во сценскиот агон.

Режисерот на пиесата Борис Василески, сè уште не доволно познат на театарската јавност, изнаоѓа решенија кои непречено помагаат во илустрацијата на сценскиот материјал. Секоја сцена ја структуира врз основа на трите принципи, експозиција, климакс и ексода, па ти се јавува потреба крајот да ù ги огласиш со аплауз. Актерите мошне одмерено, прецизно го развиваа сценскиот агон, кој на моменти доаѓаше до нужното крешендо. Ја гледаш сцената во која двајцата браќа (според невните реплики добро натопени во алкохол) ги кршат реквизитите и сценографските елементи и ти се чини како да се наоѓаш во друга приказна на вистинскиот Запад – на концерт на групата ХУ, каде прославениот гитарист Пит Таусенд, ги крши гитарите појачалата и сè она на што ќе наиде на бината. Го прави тоа за да ја раскаже својата изгубена приказна која можеби ја немал.

Оваа одлична претстава изискува да се гледа, но и да се помни.  Да се помни како „и идентитетот, којшто е исто така приказна за тоа кои мислиме дека сме, постојано испитување и преиспитување на себеси“.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе