Дали Отиња е најголемата пералница на пари на Захариев?

Штип, 09.10.2017

  • Има некои проценки дека преку проектот Отиња се испрани помеѓу 700.000 и 800.000 евра. Вистината во однос на овој нов штипски скандал во режија на градоначалникот ќе биде утврдена само кога Захариев ќе биде демонтиран од функцијата….

Каде и да стигне Илчо Захариев, штипски градоначалник, најмногу се фали со проектот Отиња. Станува збор за уредување на речното корито на малата суводолица која минува низ центарот на градот. Посебен дел од приказната на Захариев е тоа што тој тврди дека преку два километри уредување на коритото го направил без пари. Дека општината за овој проект не потрошила ниту денар. Иако четири години гледавме како во реката работат стотици лица, како на „доброволно морална“ работа ги присилуваше вработените во општината и вработените во двете јавни претпријатија кои, со еден ваков чин, доживеаја најголеми понижувања. Гледавме и гледаме бехатон плочки, камен, цементни поставки…Ама сето тоа не чинело пари…

oetidnjweikort3Па кој тоа тогаш го плаќал материјалот, како и на кој начин е вршена исплатата, и дали сето тоа било легално и согласно законите, кој ги плаќал работниците и ако се исплаќани на кој начин одело тоа?

Бизнисмени од градот ни ја отворија оваа тема. Ни ја кажаа следнава приказна.

-Општината можеби не дала ниту денар, но сите изведувачи, до ред избрани од Захариев си имаат наплатено за работата и тоа по повеќепати за една и иста работа. Имено, кога изведувачот на една работа во Отиња ќе завршел со својот дел од обврските, на барање на Захариев, наместо до општината фактури испраќал до трети фирми кои сакале-нејќеле, а знаејќи со кого си имаат работа, плаќале на фирмата испорачувач на фактури како таа да завршила работа за нив.

„Но, тука не завршува приказната која во испрани пари тежи помеѓу 700.000 и 800.000 евра.  За една и иста работа фактури се праќани на повеќе фирми. Каде потоа фирмата примач на парите ги дистрибуирала големите финансиски средства не е познато. Но, една темелна ревизија на работењето на градоначалникот и на двете јавни претпријатија, тоа лесно може да го открие“, вели нашиот извор.

Нашиот соговорник е убеден дека овие големи пари се распоредувани на сметки на луѓе блиски на Илчо Захариев. Вели дека не е тешко да се детектираат тие. –„Некои од нив своето прво работно искуство го имаа во општината и во јавните претпријатија, и за четири години направија мало богатство градејќи куќи и вили во Штип и околината, купувајќи станови па и скапи возила. Тие се блиски луѓе на градоначалникот, а сето тоа, со промената на локалната власт мора да се открие и соодветно санкционира“, посочува соговорникот.

Според него, бетонот во Отиња можно е да го плаќале и по десет фирми, ама за една и иста извршена операција.

„Да е тоа донација од фирмата, таа донацијата давателот би ја пријавил во соодветното министерство зашто за секоја донација следи даночно олеснување. Согласно тоа ако е донација, а не присила, рекет и на тоа слично, кај донаторот мора да има траги во неговата документација“, прецизен е нашиот соговорник.

Ние не можеме да тврдиме дали ова е вистина или не. Но, индиции за такво нешто сепак постојат. Најголемата индиција е во сознанието дека 2,2 километри речно корито широко речиси 30 метри не се уредува без пари. Не се уредува ниту со малку пари. Освен ако нашиот градоначалник-финансиски алхемичар не е новиот Ајнштајн кој пронашол нова формула за бесплатна градба на се и сешто.

Оттука, наша обврска е за се што ќе дознаеме, а има врска со нелегални активности на носителите на локалната власт, тоа и да го објавиме како наше сознание. На надлежните институции е да постапат по допрен глас од еден медиум и да видат има ли тука „материјал“ за истражување. Ние нашиот дел од одговорноста си го исполнивме.