ДЕЛЧЕВО: Вонредна седница на Советот на општината, прогласена природна непогода од поплави и град

Делчево, 09.06.2023

Советот на Општина Делчево на денешната вонредна седница прогласи природна непогода од поплави и град. На седницата беше донесена одлука за формирање Комисија за проценка на штетите, како и заклучок за објавување јавен повик преку кој ќе се информираат граѓаните за постапката за пријавување штети.  При процена и утврдување на висината на штетата, како што истакна претседателот на Советот, Гоце Попов, Комисијата ќе ја применува Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи.

-Проценетите штети, Комисијата ги евидентира на пропишани обрасци и табели согласно Методологија.  Комисијата во својата работа ќе соработува со надлежните државни органи, научно-стручни институции и по потреба ќе ангажираат и стручни лица – експерти од соодветната област по претходно добиена согласност од Градоначалникот на Делчево. Процената и утврдувањето на висината на штетата ги опфаќа видот, обемот и висината на штетата изразена во натура и вредносни показатели, според подрачјето, дејноста, имотот, сопственоста, времето и причината за настанување на штетата, рече Попов.

За својата работа, Комисијата е должна да изработи Извештај за процената на штетите во вид на елаборат согласно Методологија за процена на штети од природни непогоди и други несреќи и го доставуваат до Советот на Општина Делчево на разгледување и усвојување и до Владата на Република Северна Македонија. Ова Решение како што беше додадено на Советот влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во Службен гласник на Општина Делчево.

Одржувањето на вонредната седница на Советот на Општина Делчево е иницирано од невремето проследено со силни врнежи од дожд и град и поплави на објекти и на инфраструктура коешто го зафати градот Делчево вчера во попладневните часови во периодот од 17:30 до 18:30 часот.

На седницата претставници од сите надлежни институции информираа за преземените мерки и активности во насока на заштита на имотот на граѓаните, но и мерки кои се преземаат за санирање на штетите на индивидуалните и административните објекти од поплавите и од штетите на патната инфраструктура.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе