ДЕЛЧЕВО: Неделата на имунизацијата во знакот на имунизацијата против ковид 19

Делчево, 29.04.2021

По повод Европската недела на имунизација денеска во Делчево беа доделени 10 хуманитарни пакети на семејства кои живеат во социјален ризик, а кои изминатата година добиле новороденче, а беше доделен и пропаганден материјал за значењето на имунизацијата. Акцијата на која годинава се дава посебен аспект на имунизацијата против ковид 19 е во организација на НВО КХАМ и Општина Делчево, а со поддршка на Здравствениот дом во Делчево. Целта на оваа активност која се спроведува повеќе од 10 години во Делчево е  да се скенира состојбата на терен, да се проверат картоните за имунизација кај децата до 1 година, како и да се подигне свеста за важноста од редовната вакцинација.

Инаку, покрај актуелната имунизација против Ковид 19, последните неколку години во државава е осовремен календарот за имунизација. Воведени се две нови вакцини – вакцина против ротавирус и пневмококна вакцина. Вакцините кои се набавуваат во нашата држава се од производители од земји членки на Европската Унија, одобрени од Светската Здравствена Организација и се употребуваат и во нивните држави. Од Министерството за здравство потенцираат дека високот опфат на имунизација кај населението создава колективен имунитет, спречува појава на заразни заболувања и го заштитува детето и возрасните, најблиските членови во семејството и пошироката заедница. При овој процес потребно е сите да бидеме активно вклучени со цел заштита на колективното здравје.

Во нашата држава, со активна имунизација се започнува кон средината на минатиот век и со текот на времето бројот на болестите кои се превенираат со вакцинација сѐ повеќе се зголемува. Првата вакцинација во Република Македонија е воведена во 1948 година со воведување на вакцинација против туберкулоза.