Друштвата за македонско-руско пријателство ќе делуваат регионално

Свети Николе, 17.02.2018

Наместо преку општинскo, Друштвата за македонско-руско пројателство ќе работат по пат на регионално организирање. Сите регионални друштва ќе бидат вклучени во единствениот Сојуз на друштвата за македонско-руско пријателство.

Ова беше одлучено на денешната седница на претседателството на Сојузот на друштвата за македонско-руско пријателство одржан во Свети Николе.

14„По направена комплетна анализа проценивме дека подoбро и пофункционално делување друштвата ќе имаат ако се организираат по регионален систем. Доказ за тоа е битолското друштво кое работи токму на таков принцип и остварува најдобри резултати. За тоа се потребни промени во статутот што ние и ќе го направиме“, рече д-р Јордан Ѓорчев, претседател на Сојузот на друштвата за македонско-руско пријателство.

Во Сојузот може да се зачлени секој граѓанин на Република Македонија, а покрај физичките лица ќе биде можно зачленување и на правни лица.

Новата ситуација бара нова пререгистрација на друштвата.

„Идејата ни е да станеме модерна невладина организација која без било какви бирократски бариери ќе ги привлече сите оние кои сакаат да бидат дел од една идеја за ширење на пријателството меѓу двата словенски народи – македонскиот и рускиот“, посочи Ѓорчев.

За поефикасно работење ќе бидат избрани Извршен одбор од 11 и претседателство од 5 члена. Нивниот мандат ќе биде пет години.

Наредниот состанок на кој ќе се допрецизираат нештата ќе се одржи на 3 март (сабота) а домаќин ќе биде друштвото од Ѓевѓелија.