Д-р Јуриј Сараев беше во право: светот се свртува кон атомската енергија…

Штип, 07.12.2022

Д-р Јуриј Сараев
Д-р Јуриј Сараев

Пред точно десет години (октомври месец, 2012 година) во Штипски Глас објавивме поголемо интервју со рускиот научник Јуриј Сараев, доктор по атомска енергија, за иднината на светот во однос на електрична енергија. Угледниот научник кој беше потпретседател на Руската организација за атомска енергија која обединува 15.000 членки, и беше на чело на експертскиот им за справување со Чернобил по катастрофата во него, тогаш ни изјави дека во наредните најмалку 50 години светот ќе се потпира на атомската енергија.

Оваа изјава на Сараев, денес добива силна потврда зашто медиумите во светот се повеќе донесуваат информации за свртеноста на државите кон овој вид на енергија.

Така мeдиумите објавија дека Холандската влада најави изградба на две нуклеарни централи во провинцијата Зелант на југозападот од земјата. Според владини извори, изградбата на двете нови нуклеарни централи е планирано да заврши во следните десет години. Нуклеарните централи е планирано да се градат во селото Борсел, каде веќе има една нуклеарна централа, соопшти страницата „Дач Њуз“.

Изворите наведуваат дека селото Борсел е подготвено за две нови нуклеарни централи, бидејќи таму веќе постои инфраструктура потребна за изградба на такви објекти. Централата во Борсел веќе произведува околу три отсто од целокупната електрична енергија во Холандија.

Два вагони прачки на ураниум за период од две години и производство на електрична енергија за задоволување на потребите на 40 милиони луѓе се еквивалент на два милиони тони нафта за тој период или на 900 вагони јаглен дневно…Ресурсите на нафта и јаглен се ограничени што не е случај со ресурсите со атмоската енергија, рече во интервјуто Сараев.

Но, не е само Холандија. И од Иран пристигнуваат информации дека по повеќе децении планирање, наскоро ќе започне изградбата на нуклеарна централа во југозападниот дел на земјата. Оваа информација ја лиферуваше иранската новинска агенција ИСНА.

„Мухамед Аслами, шефот на иранската организација за атомска енергија, со делегација ја посети локацијата Даркховејн на границата со Ирак. Реакторот во провинцијата Кузестан ќе има капацитет од 300 мегавати, напиша ИСНА“.

Но, да видиме што пред 12 години во однос на проблематика околу снабденоста на светот со електрична енергија која денес го мачи човештвото изјави д-р Сараев:

…Мојот став како експерт по атомска енергија, а тоа е став и на целата експертска јавност, е дека атомската енергија останува незаменлива и на неа светот ќе се потпира во иднините најмалку 50 години. Зошто ова го тврдам? Затоа што неатомските централи работат на јаглеродни горива, гас, јаглен, органски материи чии резерви во светот се ограничени. Покрај ова познат е и фактот дека еколошката безбедност на атомските централи е на далеку повисоко ниво од централите на органски горива. Третиот елемент е цената која е во прилог на атомската енергија која е многукратно пониска, а и новите технологии се далеку побезбедни од порано“, гласеше изјавата на Сараев.

Научникот даде и споредбена анализа:

„За атомска централа со три реактори на атомски погон, за нејзина непречена работа 24/7 во период од две години, потребни се два вагони прачки од ураниум. Со ова гориво централата ќе произведува три милиони киловати што е електрична енергија доволна да обезбедува 40 милиони жители. За истото производство на струја во истиот временски период потребни се 900 вагони јаглен дневно односно два милиони тони нафта за тие две години. И на лаиците им е јасно дека јагленот и нафтата во толку големи количини  се неспоредливо поголеми загадувачи на животната средина од атомската енергија. Настрана фактот дека ресурсите на јаглен и нафта се ограничени, што не е случај со атомската енергија“, рече во октомври 2012 година д-р Јуриј Сараев кој почина минатата години на 86 годишна возраст. Тој беше почесен професор на Меѓународниот Славјански универзитет „Гаврило Романовиќ Державин“ Свети Николе-Битола каде на Техничкиот факултет предаваше безбедносно инженерство.