ЖAН МИТРЕВ: Странските амбасади да го следат судскиот процес против мене и болницата

Скопје, 24.01.2023
Доктор Жан Митрев и неговата клиничка болница која го носи неговото име, со писма се обратија до амбасадите на САД, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и до Делегацијата на ЕУ во државата со кои ги информираа за текот на истрагата во случајот против него и клиниката.
Доктор Митрев, покрај информирањето со писмото за настанот, упати повик за нивно следење на судскиот процес против него и неговата клиника, и да извршат мониторинг на тоа како се одвива целата истражна постапка заедно со основаноста на обвинението.
„Ова е неопходно поради досегашното површно следење на постапката“, напишаа од болницата.
„Ви се обраќам со намера да ве информирам и запознам за случајот што верувам дека може да остави длабоки траги во општественото живеење, во перцепирањето на здравствената професија и случај што претендира да воведе лоша пракса во правосудниот систем во државата. Ваквите примери можеби се ретки, но и како такви може да предизвикаат штета со далекусежни последици”, стои во писмото до амбасадите и европското претставништво.
Митрев во писмото тврди дека болницата постигнала високи резултати во лекувањето на ковид-19, но и покрај тоа неговото име и дело, како што вели, се предмет на истрага која  се спроведува површно без да се навлезе во суштината.