Заев мораше да добие “чалма” на челото, за Груевски, конечно, да ја фати “опашката на ѓаволот”!?

Oхрид, 10.05.2017

Пишува: Веле Митаноски
Пишува: Веле Митаноски

Велат, дека модата е во деталите. Но, велат дека и оној нечистиот, натемаго – ѓаволот, е во деталите!? Откако го слушнав, пред две вечери, “експертот: Даштевски: “Груевски СЕУШТЕ има високи менаџерски способности”, веќе знаев дека Никола, конечно, го  фатил ѓаволот за опашката!? Оној другиот, од Долно Водно,  не треба “га ни помињати!“.

Велат, дека детето е најсреќно ако на патот најде ноже! Ние, пак, на село, бевме најсреќни ако татковците, или дедовците, од саботниот пазар во Струга, или понеделничкиот во Охрид, ни донесеа свирче! А бидејќи тоа ретко се случуваше, знаевме сами да си направиме свирче од врба. Знаевме да направиме и шупелка од бозово дрво!

Денешниве “шупелки”, пак, знаат да направат и од даб свирче! Токму вака, беше сум насловил една моја колумна, со порака, дека Груевски ќе направи “од даб свирче!”. Од објавата до денеска има поминато, години, години…

Ќе прашате како? Има неколку одговори: Од незнаење, од омраза, од непрепознавање на “големата слика”, најповеќе поради стратегијата: “Цело е кога имаш се!”. Можеби, уште најповеќе, поради “папагалството” кон душманот! Негативноста се храни сама од себе, а постои само оној што постои на јавната сцена, во медиумите и сајбер просторот. Во неможност да смислам пооригинално објаснување и тема (“политиката е една многу неоригинална тема!” – П. Кoелјо), пак ќе се послужам со политиката, ама, со еден барем малку “оригинален пример!”. Имено:Тоа е исто, како да ви ја повторам случката со пратеникот на СДСМ од Тетово, кој на “црниот понеделник”, скокаше највисоко пред говорницата, а на колешките од ВМРО ДПМНЕ им велеше:”Стојко, па Стојко, не го вадите Стојка од уста”!!!

За воља на вистината, стратегијата: ” Цело е кога имаш се” и не е патентиран вмровски “праисход”, туку заедничка, братска, или “калугерска направија!” со сдсмовците! За се си вадеа очи, ама за изборниот закон – согласни калугери! Со изговор, “лижавче за народот”: Ќе имало најмалку тројца албански пратеници повеќе!? Таа приказна се виде каде заврши. Јас не сум фан ниту на СДСМ, ниту на Заев. Во партијата влегов, по “наследство”, од ЈНА и СКМ-СКЈ, па преку Конгресот кога го биравме Петар Гошев, еден убав ден, завршив во канцеларијата на тогашниот организациски секретар Оливер Спасески, со едно “пусулче” во раката, во форма на братско разделување!

А, да, претходно му кажав и на Б.Ц, кој веќе беше во претседателскиот кабинет, оној истиот, де, пред кој Груевски и Димитров чуваа стража (!), а командат Форина, освојуваше квадрат по квадрат, на приземјето!? Те рабирам, рече Б.Ц, “не си ти проблемот, туку оној другиот!”. “Другиот” беше Бучкоски, тогашниот премиер. Иако беше на службен пат, неколку часа откако “пусулчето” му го дадов на Оливера, истото, беше го трансформирале во официјална оставка, а Владата експресно, како што “шибаат” возовите во Јапонија, Кина и Франција, разбира се, ја прифати!

Нејсе, приказнава не ја кажувам случајно. Ниту, поради себе си. Туку, да се види колку тогашниот СДСМ не “секташеше” многу по партијноста! Тоа говори дека Заев ја научил приказната, затоа и е денес, каде што е: на позиција иден премиер. Затоа што рече, на листите ќе има и непартијци и Албанци. “Разбира се”, можеби, и пред се, затоа што против фашизмот јуришаше како некогаш Бошко Буха (за полмадите лик од партизанските филмови!), а по мој вкус, треба да се поддржи, токму, затоа што вети дека утре Македонија ќе биде една изборна единица. За мене, тое е голем исчекор во демократијата, крај на партискиот султанизам и крај на приказната на Груевски: “Ако не ми дадете 63 пратеници, Албанците ќе ни ја земат земјата”, која, јас, веќе, ви ја имам земено!?

Е тоа е “калуѓерлакот” на Никола, и “Св.Николовците” во СДСМ. Тој “калуѓерлак”, му овозможи на Груевски, да не прави при очи слепи, при уши-глуви, да се крсти во народот, а на крајот, откако веќе народот одлучил на избори, тој уште еднаш да одлучува:како понатаму на Централниот комитет на ВМРО ДПМНЕ. Ете, толку од народот!?

На тој Никола, еден “калуѓер” – сдсмовски градоначалник во Охрид, можеше да му каже се, насред плоштад, да лицитира со неговата интимна определба, демек му го покажува “патот за Халкидики!”, да се навредуваат до бесвест, ама ниту еднаш не слушнавме кавга за урбанизацијата и градежништвото – мафијашко! Ниту збор кавга “со Миле ми текна!”. Ако Заев расчистил со таквото “калуѓерство”, аферим и “по тези вопрос!”.

Колеги и колешки, дури и од “старата гарда!”, деновиве мудруваат по екраните: Како тоа Заев да оди кај долноводненецот, после се што се случи!? Јас напишав дека е тоа државнички став, дека тој непрокопсаник треба да си го види одразот на ликот свој –  во “чалмата” на челото на Заев, а после тоа за него КРАЈ! За мене тој е одамна е непостоен, ама сега побарав и од ФБ пријателите и колегите, да му го попишат КРАЈОТ, да го нема повеќе во ниту еден медиум (овдека не мислам на курирските!), во сајбер просторот. Да го нема, повеќе, ниту во најчитаниот провладин медиум – “Службениот весник” на Република Македонија!

Прексиноќа, на предводникот на “црвено жолтата револуција” Богдан-Боби Илиески, му  пишав писмо, цитирам,”заедно со Едноокиот, Латас и Ивонка, да ја баталат “народната” канцеларија, и уште вечерва, со она што им остана од “200 илјадниот народ”, нека се префрлат кај “сенародниот” од Долно Водно, зашто, ако чекаат до утре во 17 часот, може да им биде веќе предоцна!”.

Синоќа, пак, му допишав : Е,па, Боби, кога не го слушаш чичко Веле: Мандатот е веќе даден, се друго е само техника, што “ја усогласиле кабинетите” на Џафери и долноводненецот! Ете, и Коце, кроце-покроце, не само што го призна Џафери и легалитетот на парламентот, туку моли, да се спасуваат градоначалниците со некакво законско премостување, зашто “ќе немало кој да склучува бракови”!? А, нели, ја “надградивме” кампањата за трето дете! И види Боби, Коце вели дека законот се носел со просто мнозинство, а “непризнатите” имале толку! Ете, гледаш колку е просто и едноставно!

Многу “просто и едноставно”, синоќа, нештата ги објасни и сердар Јанко, кој изеде бурек полнет со жабја лигавина!  Сите го напуштиле бродот што тоне, останале уште тој и оној од Долно Водно, зад кого, Јанко, цитирам, “останува да го следи и поддржува до последен здив, каква одлука и да донесе, па дури и ако одлучи полот да си го промени!?

Ете, ако веќе мора да е бал, тогаш нека биде и маскенбал!? Да ги оставиме сами, двајцата, да си го дојадат бурекот, а, ако, пак (недај Боже!), си го промени полот, нема да му е тешко, ќе се снајде, и досега беше како оние со црвените фенери, а и често одеше во Стамбол, па нема да му е тешко да доползи до “Кара ќој”!?