ИМА НАДЕЖ, ЌЕ НЕ БИДЕ : GËZUAR FITËR BAJRAMIN!

Најнапред едно извинување – дообјаснување. Примете ме најдобронамерно во тоа што пишувам (ви се обраќам) во прво лице еднина. Веќе сум длабоко во осумдесетите, имам што да ви пренесам како лично искуство, а верувајте ми  секогаш е покорисно да верувате во паталци, а не во гаталци.

Повод и инспирација за денешното обраќање ми е празникот  над празниците (така напишав и за Велигден) FITËR BAJRAMIN. Уште да се совпаднеа да се слават во ист ден (како што се совпаднуваат) впечатокот ќе беше комплетен.Значи, честитки до сите драги пријатели, муслимани во мојата земја (ова го пишувам искрено, не како замена за оние од политиката кои пред избори не сакаат да кажат Северна Македонија, а после од уста не ја вадат!), на Балканот, во светот.

Посебната, издвоената,  нека биде до драгиот Талат Џафери, протоколарно – првиот до претседателот Стево Пендароски, потенцијално – првиот што, не дај боже, ја презема командната палка во земјата. Тогаш полесно ќе може да се јуначи пред Американците и не ќе мора да патува до Киев!?

Зоти Талат, денов не е за забелешки, ама, може еден совет. Јас и ти бевме југословенски, титови официри во ЈНА. Јас бев најдобриот питомец- пешадинец на 47 Класа на ЈНА (Школа за пешадиски официри), дотуркав до мајор во резерва, не знам ти колку “чварки” (извини, ама така ги викавме – звездички) соши на палетите!?

Јас знам дека Америте за некои наши по Балканите се повеќе и од Алах.  Ама, сепак, нема да ни биде на одмет и малку внимателност. И не мора да им веруваме за се и по секоја цена. Ќе си бидиме со нив, ама, пред се, ќа си бидеме со нас самите!

Не ги сакаат тие Украина и Украинците, колку што ги  мразат Русија и Русите. Значи, има разлика, а разликите се во нијансите и во ѓаволот! Тој, пак, нити ора, нити копа! Затоа, малку внимателност. За секој случај!

Во Школата на ЈНА, спиев заедно со Албанци. Изненадувачки ги имаше подоста. Беше тоа далеката 1974 година. Најблизок ми беше (а и денес ми е) Адем Љузинаку од Дебар. Се си мислам дека ја имаше завршено и цивилната, Титова школа во Кумровец.

Кога требаше, после 2001-та, другарот Бранко и зоти Али од Guns N’ Roses  владата да се појават и јавно на терен, предложив тоа да биде во Дебар – на општо изненадување и отпор од  екипата на Кабинетот на Бранко.Прифатија, дури после образложението дека таму го имам Љузинаку, дека кога ја водев екипата на ФК “Охрид” во Прилеп јадев ќотек, а во Дебар – јагне, дека од Дебар е цветот на албанската нација (се до Наџмија Хоџа!), дека Стамбол има кој да го изгради ако биде опожарен,а  Дебар нема кој, дека…

Тоа беше настан, жив е зоти Али, па Муса Џафери, па командант Острени, па… па

Па, дури и во шума ги однесов на ручек, кај Цани, после браната, нели,” целата територија ја контролиравме”!

Тоа беше тешко време. Уште потешко беше 2001-та, кога драгиот Американец Питер Фејт, ја водеше војната во Македонија, “како што децата играат на џојстик!”, се убиваа војници  од АРМ и борците од ОНА, “според потребата на денот!”.

Известував за домашни и странски медиуми од преговорите во Охрид. Ако запнеше – уште десетина убиства !!! Карпалак, Вејце….се до одговорот за  “заслугите!”  на воениот министер (олеснувачот!) со приемот во Овалниот кабинет во Вашингтон, оној со шлицот на Бил Клинтон и Моника!

Тешко беше и деценија – две порано. Кога се рушешеа режимот на Енвер Хоџа во Албанија и “режимот” на Тито (не пекаме по него  и по југословенството, туку по животот кој ни беше подобар по сите основи од денешниот!),  во тогашна Југославија.

Тогаш известував од Тирана, мојот текст и мојата фотографија од “виткањето на монолитниот паметник!”  на другарот Енвер, преку Танјуг, први го обиколија светот.

Тогаш научив албански колку што му треба на еден известувач, а веднаш после тоа, во Охрид, на Супер Радио (едно од првите во земјата), покрај на македонски, се емитуваше програма и на албански и на турски јазик. Албанската ја водеше, денес,  едно од најнадежните имиња на македонското новинарство, она  симпатично момче од Струга,  денес врвен во Алсат М.

Да и тогаш беше тешко. Следеше пресуда (смртна) од Заштитниот комитет на Ве-Ме-Ро-То на Коле Бикчето (Бог да му душа прости) и денешниот, новопечен Бугарин, Црномаров од Битола.!

Еднаш Љубчо (со Б), војводата, посака да се сретне за совет, демек, што му носи, или одзема коалицијата со Васил Тупурковски Циле.?  Му реков да оди без размислување, дека ќе му ја оплемени.

Војводата се наљути жестоко! Демек – “па ние не сме диви”!? Не сте, му велам, ама ве препознаваат по Танета Оксот и по Коле Бикчето!

И да знаеш, вели, кога го формиравме Централниот Комитет, Бикчето имаше мнајмногу гласови!

Изминативе 3 децении беше тешко. Сега е полесно.

Сега има надеж, ќе не биде!

Социјалните мрежи, и покрај сета грдотија што се истира, ви се одлично огледало на нашата реалност. Скоро деценија сум на нив и можам да бидам добар сведок.

Утринава, кога влегов на Фејсбук – една милина.  Секој втор честита FITËR BAJRAMIN. Наидов и на еден, ваков коментар: “само да не се вмеша политиката”!

А не беше така изминативе години. Добро се сеќавам дека, на почетокот, честитачи бевме двајца, без тројца, па колку на едната рака прсти, па на двете раце и така, лека полека.

Само да не се вмеша политиката!

И да завршам како што почнав: Зоти Талат, уште еднаш  FITËR BAJRAMIN!

И уште еднаш не ти треба она јуначењето од Киев. И на Бујара кажи му дека не ја тера добро работата со “браќата” од Истокот! Ниту со пријателите од Западот. Не му требаат пораки како онаа, демек,  “Албанците не внеле во ЈАТО –НАТО!” Знаеме што сака да каже, ама не е така.

И кажи му да престане со мажачката на дипломатската мома Теута. Не јас, Албанец, поранешен министер, му порача “да распише конкурс и некаде, во некоја Тунгузија, да и најде мажачка!”.

Шегата, настрана. Секако и моја честитка за драгата Теута за денешниот празник: FITËR BAJRAMIN , драга, зоња Теута!

И колку да се крстиме во Америте, и колку да ни се поголем Господ од самиот Господ и поголем Алах од самиот Алах, од Исуса  и од Пратеникот, и тие разбраа со кого си имаат работа.

Да живееме братски и во слога, мегусебно да си ги честитаме Велигден и FITËR BAJRAMIN, народот знае што е добро,а  што е зло.

Само, да не се вмеша политиката!!!

Веле Митановски