И ОФИЦИЈАЛНО ПОТВРДЕНО: Бучим и Боров Дол го рестартираат процесот на производство

 Радовиш, 21 октомври 2022

Од рудниците „Бучим“ и „Боров Дол“ денес и официјално стигна потврда на текстот објавен во вчерашното издание на нашиот портал дека двата рудника веќе од вторник 25 овој месец, повторно започнуваaт со работа, односно го рестартираат производствениот процес, со што работата на рудниците се враќа во целосна функција.

„По скоро двомесечна пауза, по поволната промена на пазарот на електрична енергија, рудниците се враќаат во редовен работен режим. Паралелно на ова, рудниците продолжуваат со реализирање на плановите за енергетска независност, односно продолжуваат со инвестициското вложување во обновливи извори на енергија, како и модернизација на погонот флотација во Бучим, проекти кои што се веќе во тек и треба да се завршат најдоцна до октомври 2023 година“, стои во објавата од двата рудника.

Олег Чусовитин, генерален директор на „Бучим“ изјави:

“Во изминатите десетина дена, видовме промена на цената на електричната енергија што ни овозможи повторно да ги започнеме производствените активностите со надеж дека тенденцијата ќе продолжи и цената на регионалната берза за електрична енергија (HUPEX)  ќе се стабилизира. Во текот на овие денови ќе бидат повикани на редовна работа сите вработени во рудниците, за подготовка и отпочнување на производството. Во меѓувреме, продолжуваме со реализација на веќе започнатите капитални инвестициски проекти и сме оптимисти во врска со динамиката со која се одвиваат работите.

Оваа вест, како што istokpress.mk пишуваше и вчера, најмногу ги израдува жителите на Радовиш бидејќи 85 проценти од вкупно вработените 700 лица во двата рудника, и плу 300 граѓани кои даваат услуги на нив, се од оваа општина.