Во Клиничкиот центар поставени се инсталациите за компресорската станица, а апаратот треба да се пушти кон крајот на јануари, најави денеска на брифинг со новинарите министерот за здравство Арбен Таравари.
„Она што е добро е што ќе ја поправиме старата компресорска станица, и таа ќе ни служи како бекап варијанта. Нема повеќе редуциран број на операции, нормализиран е процесот на операции“, рече Таравари, одговарајќи на новинарско прашање.
На крајот на мај годинава, се појави проблем со компримираниот воздух на клиниките во Клиничкиот центар. Голем дел од операционите сали беа затворени. Пациенти се враќаа, со образложение дека нема услови да се изведе операцијата доколку не е итна.
Автомобили, возила на Брза помош, нервозни паценти, насобрани роднини – со недели ваква беше сликата на влезот во хируршкиот блок при комплексот клиники „Мајка Тереза“. На клиниките холовите беа преполни, но и ходниците пред амбулантите, како и пред некои од операционите сали.