КОЧАНИ: Димитровски и Илијев во мала војна

Кочани, 29.12.2017

Низ Кочани се разлетаа првите искри помеѓу старото и новото општинско раководство. Ако си го поставувате прашањето од типот „ММЕ кој прв почна“, одговорот е – Ратко Димитровски. Екс градоначалникот ја фрли ракавицата, а Николчо Илијев, актуелниот градоначалник во обраќањето на Димитровски најде причина за итен одговор па Кочани стана сведок на „мала“ војна на зборови искажани на одвоени прес конференции.

01Димитровски, во функција на екс градоначалник, рече дека неговото јавно обраќање било предизвикано од последната политичка хајка против него и против раководните структури во Општина Кочани поставени во претходниот период.

„Имено, со цел да се овозможи ефтин превоз на ранливи категории, посебно од периферните делови на градот, во декември 2013 година,е отпочната активност кон организирање на јавен линиски превоз на патници со пробен период од о1.12.2013 до 31.01.2014 година  Со истиот се намалува сообраќајниот метеж како и загадувањето на воздухот во градот“, рече Димитровски.

ДИМИТРОВСКИ:   „Очекувам  во следниот период да слеат нови местенки, лаги и монтирани политички случаи со што сегашното раководство на Кочани ја покрива својата неспособност“.

 ИЛИЈЕВ:   Звучи нелогично во ист текст да зборувате за хајка против раководните структури  во Општината, а истовремено и за нивна неспособност, некреативност и немање проекти. Всушност зборувате за раководители што Вие ги поставивте, за администрација што ја наследивме од Вас.

Тој укажа дека за истото бил информиран Советот на првата наредна седница во јануари, 2014 година а Советот донел заклучок пробниот период да се продолжи до крајот на месец април, истата година.

„Намерата за олеснување на движењето на нашите сограѓани е претставен како политичка порака од СДСМ, дека има основ за криминал. Од ова место изјавувам дека хајката против мене и за други раководители за кои веќе има најави е хајка против успешното раковдење на институциите, а претставува политички реваншизам против членови на ВМРО ДПМНЕ и други неистомисленици кое нешто се практикува долго време и на државно ниво“, порача Димитровски.

Тој очекува да следи период со нови местенки, лаги и монтирани политички случаи со што сегашното раководство на Кочани ја покривало својата неспособност.

Николчо Илјев, актуелен градоначалник, префрлувањето на вината на другите во предновогодишна прес-конференција на човек кој два мандата билк градоначалник го оцени за непристојно оправдување за неговото работење.

„Звучи нелогично во ист текст да зборувате за хајка против раководните структури  во Општината, а истовремено и за нивна неспособност, некреативност и немање проекти. Всушност зборувате за раководители што Вие ги поставивте, за администрација што ја наследивме од Вас. Дали новите поставени правила за работа и почитувањето на законите некому не му одговараат? Дали отворено ја наметнувате потребата од нивна смена?!

Ние верувавме во Вашиот тим, на секого подеднакво давајќи му можност да придонесе  во градењето администрација која ќе се темели на професионализам и знаење, на тимска работа, која пред сè ќе има континуитет и ќе бидебез партиски обележја. Факт е дека во Вашето работење оставивте многу долгови, кредити и позајмици  кои секојдневно ги сервисираме.

Ние имаме доверба во професионалноста на институциите и сакаме мирољубиво и човечки да ги решиме сите прашања што се од јавен интерес. Сакаме да ѝ порачаме на јавноста дека отворено се бориме против корупцијата и лукративните намери во работењето на Општината и дека интересот на граѓаните ни е пред сè, кратко одговори Илијев.