КОЧАНИ: Се уредува зелениот пазар кај Автобуската станица

Кочани, 16.08.2021

Бараките на тротоарот од левата страна на улицата „Тодосија Паунов“ се преместени, а просторот на старо-новото зелено пазарче кај Автобуската станица во Кочани се уредува и добива нов лик. Нефункционалните бараки, како и натрупаниот отпад и ѓубрето се отстрануваат со цел до неодамна напуштениот простор максимално да биде корисен, а пешачките површини слободни за непречено движење.

Градоначалникот Николчо Илијев смета дека содржините на овој потег од градот можат да бидат подобро организирани и распоредени, така што протокот на сообраќајот, а посебно движењето на пешаците по тротоарите да не биде отежнато или невозможно.

kc02– Создаваме нов изглед на овој дел од градот. Граѓаните можат да се уверат дека со мали  комунални интервенции ќе можат да пазарат подалеку од правот и чадот на автомобилите, а при продажбата ќе биде овозможен пристап за сите и обезбедена поголема проодност. Постојните тезги, кои се освежени и исчистени, ќе се дополнат  со уште неколку, ќе добијат настрешница, а во околината ќе се постави урбана опрема и зеленило – соопшти Илијев.

Реорганизацијата на зеленото пазарче кај Автобуската станица и ослободувањето на јавните прометни површини од нефункционалните објекти е уште еден придонес кон изгледот и уредувањето на просторот од левата страна на улицата „Тодосија Паунов“, чиј коловоз и тротор се рехабилитира во должина од 960 метри.