ЛЕТО БЕЗ МИРИС И ВКУС

Пишува: Трајче Кацаров, писател

(Пред дваесет и две години Штип, по предлог на тогашниот министер за култура Благоја Стефановски, стана првиот град на културата во независна, самостојна Македонија. „Градот Штип,  како впечатлива духовна средина, го заслужува тоа“- гласеше изјавата на министерот).

Штип, 06.08.2022

Беа тоа години кога на македонската духовна трпеза  со свои специјалитети се регистрираа три културни лета – „Охридското“, „Скопското“ и „Штипското“.

„Охридското“, до ден денешен, го задржа истиот времски интервал за сервирање на врвни специјалитети од светската културна кујна. „Скопското“ остануваше на нога, спастерено кaко за Вински бал, шеесетина дена. Не помалку време му требаше на Штипското лето, да ги разубеди граѓаните дека и надвор од слаткарницата на „Јајата„ има специјалитети,  со музичко –сценски  резонанс, за разладување за време летнките горештини.

Тогашните пишани и електронски медиуми ( во СФРЈ и во првите години на транзицијата) колку што го следеа „Охридско“ и „Скопското културно лето“, толку време не му продаваа, туку му остапуваа и на „Штипското“. Немаше телевизиски сигнал испратен од културните рубрики, а во него, покрај на „Охридското“ и на „Скопското“, да не се препознаваат боите и звуците и на „Штипското“. Дури на панел дискусиите бевме најгласни и најпрецизни во одредувањето на позицијата на духовната вертикала.

Кога културна манифестација, каква што е културното лето, организира општината, надвор од културните институции со национален предзнак, што можеме да му посакаме на такво лето, освен да си ги собере „пљачките“ што би рекле Охриѓани и дим да го нема…

Во почетните години (Во СФРЈ) културното лето беше под финансиска закрила на Самоуправно интересната заедница  за култура. Подоцна, со осамостојувањето, синакурата му ја одредуваше од програмата за национален интерес, Министерството за култура. Тоа му дозволуваше на „Штипското лето“, будно, без око да склопи, да војникува во културниот простор, преку педесетина програми, шеесетина дена.

Со меѓусебната коресподенцијата, трите лета, покажуваа дека пред се’ се македонски, а пота лета на Охрид, Скопје и Штип. Беа од национален интерес и Министерството за култура дозираше во нивните културни локомотиви гориво колку да можат да влечат стотици вагони натоварени со уметнички вредности  што го правеа светот, прегледна и разбирлива, културна баштина.

И беше Штипското културно лето рамо до рамо со своите пајташи –„Охридското“ и „Скопското“, се до 2005 година кога по иницијатива на тогашниот министер за култура Благоја Стефановски,  организирањето на Културното лето, кое тогаш, по распаѓањето на КПЗ, го организираше Здружение на граѓани, стана дел од програмската актива на   Домот на културата „Ацо Шопов“.

Во периодот на окрупнувањето на културните институции, Штипското културно лето,  помина во рацете на Центрарот за култура  – НУЦК „Ацо Шопов“.

Тоа беше почеток на крајот на златните години на културното лето. По година –две, благодарејќи на партиските персонални решенија ( во поглед на директор на НУЦК) Штипското културно лето, што би рекол проф. Марјановиќ, да се крстиш с леву руку, се испрчи како сираче пред портите на Општината.

Така Штипското лето, стана дибидус локална манифестација. Министерството за култура му го одзеде статусот на манифестација од национален интерес.

Крвната слика од година на година покажува дека на летото му треба трансфузија, ама партиските сештозналци, префрлајќи го од ординација до ординација,  му ињектираат боја, но не и содржина живот што значи.

Кога културна манифестација, каква што е културното лето, организира општината, надвор од културните институции со национален предзнак, што можеме да му посакаме на такво лето, освен да си ги собере „пљачките“ што би рекле Охриѓани и дим да го нема.