25.000 млади од цел свет на Светски фестивал на студенти и млади во Сочи, Русија

26.10.2017

♦ На фестивалот беа и 40 млади од Македонија, а преседателот на Руската Федерација Владимир Путин ги изненади младите со своето ненајавено присуство и обраќање кон нив…

Од 14 до 22 октомври македонска делегација составена од oколу 40 млади луѓе од повеќе градови во Македонија беше дел од 19-тиот Светски фестивал за студенти и млади кој се одржа во Сочи, спортската престолина на Русија.На фестивалот земаа учество вкупно 185 земји, 5.000 волонтери, 12.576 учесници од Русија и 12.638 учесници од други земји.

B3-SOCI IVAN MSUПовеќето од македонските претставници се студенти, но дел од нив работат и во организации за млади луѓе или универзитети. Тие доаѓаат од разни делови на Македонија – Скопје, Куманово, Свети Николе, Велес, Битола, Прилеп, Кичево…

Ова е прво учество на Р. Македонија на овој фестивал. Делегацијата составена од амбициозни млади луѓе успешно ја претстави Р. Македонија во Сочи, со поставување на инфо штанд на „Улицата на светот“, каде беа поставени штандови од повеќето земји учеснички во фестивалот. Македонскиот штанд беше посетен од бројни странски делегации, помеѓу кои беа и Индија, Египет, Пакистан, Русија, Индонезија, Јамајка, Камерун итн.


„Додека траеше културната програма, наеднаш го најавија претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. За момент целата сала од 12.000 луѓе занеме, бидејќи никој не можеше да поверува што слуша. Сите почнавме да се гледаме меѓусебно, бидејќи не знаевме дали сме разбрале добро. И неколку делови од секундата подоцна, тишината се претвори во громогласен аплауз, со кој го пречекавме Владимир Путин. Тоа беше момент кој ќе го паметам цел живот“, изјави Стефан Ѓорчев, студент на Славјанскиот универзитет во Свети Николе.


На Светскиот фестивал за млади и студенти е традиционално да се разменуваат пораки помеѓу учесниците од различни земји. Македонската делегација размени над 300 пораки со студенти од целиот свет во кои се пренесуваат искрени желби за идна соработка и дружење.

Македонската делегација зема учество и на меѓународната изложба „World Inflorescence“, за која требаше да се редизајнира официјалниот симбол на фестивалот, камилицата, со националните карактеристики на секоја земја. Дизајнот на македонската „камилица“ беше инспириран од Грбот на Македонија, а финалниот изглед беше осмислен од студентите на Меѓународниот Славјански Универзитет од Свети Николе.

1 (9)Меѓународниот Славјански Универзитет, како единствена институција која беше дел од македонската делегација, се погрижи за подготвување на материјалите и сувенирите за претставување на Македонија, дел од нив беа обезбедени од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Освен во Сочи, скоро сите македонски учесници на фестивалот имаа можност да посетат и други градови во Русија, од Владивосток на исток до Калининград на запад.

„Светскиот Фестивал за Млади и Студенти кој се одржа во Сочи ми овозможи да остварам контакти и да стекнам пријателства со млади луѓе, претставници на повеќе од 180 држави. Се здобив со знаење за нивните културни идентитети, сличности и разлики, идеји и ентузијазам за иднината на младите луѓе во светот. На фестивалот бев претставник на Македонија најпрво во Калининград, каде свечено го обележавме отварањето на фестивалот заедно со 200 учесници од различни земји. Преку екскурзии и посети ни беа откриени тајните на волшебниот Балтички град и неговите клучни моменти низ историјата. Во Сочи, присуствував на голем број дискусии од сферата на глобална политика, кои беа предводени од видни руски и светски политиколози, политичари и експерти. Знаењата и контактите кои имав привилегија да ги стекнам од овој фестивал се бесценети и истите ќе ми бидат полезни во остварувањето на идните професионални аспирации.“ – изјави Моника Пижевска, студент на Политички науки на Правниот факултет Јустинијан I.

Македонските учесници кои не беа дел од регионалната програма, присуствуваа на церемонијата за отворање на фестивалот во Сочи, нешто што тие го опишуваат како „моментот што ќе го паметат цел живот“.

„Додека траеше културната програма, наеднаш го најавија претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин. За момент целата сала од 12.000 луѓе занеме, бидејќи никој не можеше да поверува што слуша. Сите почнавме да се гледаме меѓусебно, бидејќи не знаевме дали сме разбрале добро. И неколку делови од секундата подоцна, тишината се претвори во громогласен аплауз, со кој го пречекавме Владимир Путин. Тоа беше момент кој ќе го паметам цел живот.“ – изјави Стефан Ѓорчев, студент на Славјанскиот универзитет во Свети Николе.

Фестивалот беше вистинска инспирација за сите учесници – тој им покажа на сите колку е важно младите од целиот свет да бидат сплотени, без разлика на нивната религија, култура или националност. За мирен свет, потребно е да имаме вистински пријателства, да градиме меѓусебна доверба и почит, а не ривалство.