Науката им сугерира на штипјани: водата од Злетовица е за пиење

Штип, 22.12.2017

Водата од регионалниот хидросистем „Злетовица“ е квалитетна, и како таква може да се пие. Ова е конечен став на науката изнесен денес на јавна дебата во однос по прашањето како Штип во иднина ќе се обезбедува со квалитетна вода која е за човекова употреба.

„Пет години жителите на Пробиштип и Свети Николе пијат вода од овој хидросистем и сите говорат за одличен квалитет. Јавното претпријатие секој месец во акредитирани лаборатории врши анализа на квалитеот на водата, пет години по ред во неа не е најдено ништо спорно. Таа вода е оценета како една од најквалитетните во Македонија“, рече Миле Моневски, советник на генералниот директор на „Злетовица“. Моневски уште појасни дека во текот на една календарска година се јавува матност која просечно трае од 50 до 60 дена, но тоа прашање се решава преку филтер станиците во двата града. За две години ќе биде изграден и таложник па и овој времен проблем ќе го снема. Според Моневски, домашни и странски (јапонски) научници вршеле повеќе мерења и правеле анализи на квалитетот на водите и во сите документи стои дека водата е за пиење. DSC_3489

Градоначалникот на Штип Благој Бочварски потсети дека во овој проект се инвестирани 100 милиони евра,и дека не смееме да дозволиме една толку голема, регионална инвестиција да пропаѓа. Потсети и на тоа дека штипјани веќе отплатуваат кредит од половина милион евра за приспособување на филтер станицата.

„За нас темелно прашање е здравјето на граѓаните, се друго е второстепено. За сите нас кои живееме во Штип меродавно е мислењето на науката, истражувањата која таа ги направи во овој сегмент имаат приоритетно значење. Ние, како општинско раководство, уште еднаш ќе се обидиме да видиме каква вода имаме во нашата филтер станица која ни доаѓа од Злетовица“, рече Бочварски.

Според Јасминка Петешева од ЈП „Исар“ матноста не е и не може да биде проблем. –„Нашата филтер станица е технолошки опремена за во миг да може да се префрла од водите кои доаѓаат од Злетовица на водите кои доаѓаат од бунарскиот систем. Во овој случај матноста на водата не е проблем“, појасни Петешева.

Над 40.000 граѓани на Пробиштип и Свети Николе пет години пијат вода од хидросистемот Злетовица, а квалитетот на водата е оценет како одличен. Не постои причина зошто и Штип не би ја користил оваа вода, која гарантира безгрижно водоснабдување во идните 50 години…

Штип и регионот имаат добри, квалитетни количини вода кои не се доволно истражени. Така, на рид над реонот Плуждино, во деведесеттите години е извршено истражување кое покажало дека под ридот се крие огромно езеро со вода кое може да снабдува два града од формат на Штип. Вториот случај е од Овчеполието. Кога поголема група научници дојдоа да го откриваат местото на кое имаше информации дека е можно да е гробот на Александар Македонски, од гроб не најдоа ништо. Но нивната софистицирана, скапа опрема, покажа дека на 50 метри под земјата има река поголема од Брегалница која протекува низ Овчеполието. Но, и во двата случаи истражувања на водните ресурси не се правени.

Инаку Злетовица е регионален хидросистем чија првостепена намена му е обезбедување на вода за пиење на пет општини (Штип, Пробиштип, Свети Николе, Лозово и Карбинци). Пуштена е во употреба пред седум години. На овие општини со над 100.000 жители на располагање им стојат 900 литри вода во секунда од кои 500 литри се наменети за Штип. Во тек е изработката на проект за наводнување на 4.500 хектари плодни ниви во Пробиштип и Кратово и за изградба на хидроцентрали за производство на електрична енергија.

Дебатата беше во организација на Медија плус, невладина организација.