Општина Кочани тврди дека нема зошто да и се извинува на претседателката на Здружението „Грин.орг“

Кочани, 09.06.2021

Ана Симонова, претседателка на Здружението „Грин.орг“ побара од Општина Кочани јавно извинување за изречена навреда и клевета врз неа, a  Општина Кочани денес ја извести јавноста дека простор за извинување нема и дека таа продолжува со натамошно дезинформирање и замајување на јавноста.

Во известувањето стои дека Општина Кочани цврсто стои зад фактите и дека тие се следниве:

1.Општината нема примено 30.000 евра по основ на концесија за мини-хидроцентралата на Мала Река;

2.Не постои и не може да постои долг за концесија на правниот субјект ДИС Енергија кон Општина Кочани;

3.Договор за концесија не склучува Општина Кочани, а со тоа и не може да побарува за наплата;

4.Договорите за концесија се склучуваат помеѓу концесионерот и надлежното министерство.

5.Извод од Општина Пробиштип не е документ и за Општина Кочани.

Општина Кочани ниту смее и ниту сака да прикрива информации. Во функција на транспареноста е слободниот пристап до информации од јавен карактер. Досега Општина Кочани нема ниту едно такво барање од Здружението „Грин. орг“, ниту од неговата претседателка.

Вистинитоста на изнесените тврдења во јавноста од страна на Ана Симонова, преку медиумите и социјалните мрежи, ќе треба допрва да се докажуваат.

Поради лавината реакции што се појавија во јавноста од изнесените информации на претседателката на Здружението „Грин. орг“, Општина Кочани  жали што медиуми, новинари и портали претрпеа јавен линч од Симонова, заради пренесеното соопштение упатено од Општина Кочани до ова Здружение и неговата претседателка.

Да појасниме: Пред десеттина дена Ана Симонова како администратор на фб групата „Кочани со срце за чист воздух, вода и почва“, јавно обвини дека Општина Кочани, во 2018 година, за изградбата на хидроцентралата на Мала река, добила 30.000 евра од инвеститорот и дека од тие пари во општината немало ни трага ни глас.

Од Општината најавија тужба против Симонова, а како ќе се заврши целата оваа приказна останува да се покаже времето.